“Винеа“ продадена , пари за лозарите нема!
Над 600 илјади евра е долгот на винарската визба“Винеа“ од Росоман кон лозаро-производителите по основ на откупено грозје. Визбата е веќе продадена, а долгот кон лозарите останува.
“Винеа“ не ги платила своите обврски кон лозарите за 2009, 2010 и дел од 2012 година.
Лозарите се револтирани по сознанието дека визбата е продадена и можно е да останат без парите за своето грозје. Денеска околу 150 лозари беа на средба со градоначалниците на Кавадарци и Росоман да побараат помош за да се поништи постапката за продажба на винаријата бидејќи истата е иницирана од банката доверител и исклучиво само таа ќе си го наплати своето побарување.
Попладнево делегација на лозарите предводена од градоначалниците на Кавадарци и Росоман беа во посета на Основен суд во Кавадарци каде е поднесен приговор околу продажбата на визбата. На прес конференција градоначалникот Панов информира дека лозарите не треба да стравуваат за своите пари, бидејќи се надева дека ќе има позитивна разврска на целата ситуација.
“Многу касно се реагираше за ова работа. Вчера е извршена продажба на винарницата “Винеа“. Овде Многу кавадарчани и росоманци го имаат продадено грозјето. Визбатае продадена по многу ниска цена и неможе да се надоместат побарувањата на лозарите. Од правната служба на Винеа се предочени одредени аномалии во постапката за проажба. Има голема разлика на проценките кои се правени од визбата, банката и независната консултантска куќа која била ангажирана. Разликата е 1:2. Парите од продажбата се доволни само за банката, а не и за лозарите. Очекуваме да се произнесе по приговорот Основен суд Кавадарци“ рече попладнево на прес конференција градоначалникот Панов.
“90% од луѓето во Росоман своето грозје го дадоа во Винеа. Голем е бројот на луѓето кои се засегнати. И самиот имам предадено грозје од своето лозје. Го чекаме одговорот од приговорот па потоа ќе видиме какви мерки ќе превземиме. Се надевам на позитивен исход “ рече градоначалникот на Росома, Стојанче Лазов каде е и лоцирана винарската визба.
“За 2009 и 2010 немаме земено ниту денар. Се кажуваат лажни податоци дека грозјето е платено. Еве имаме и документација со која докажуваме дека не ни е платено грозјето. Мене ми должат 5.000 евра. Не сум на работа, само од грозјето чекам“ рече лозар кој очекува да си ги земе парите за продадениот род на грозје.
Уште неколку лозари со кои разговаравме тврдат дека визбата им должи и се спремни да превземат секакви мерки само да дојдат до своите пари. Не сакале да тужат за да не си ги нарушуваат односите со својот партнер.
“Треба да одиме да кроиме, па ќе дојде време да прскаме, а ние пари немаме за две претходни реколти земено. Ова е срамно што се прави“ реагираат лозарите.