Граѓански парламент Кавадарци: “Власта се плаши од народот, затоа не сака предвремени избори“!
На граѓанскиот парламент вечерва во Кавадарци опозицијата повторно побара предвремени парламентарни избори и заминување на актуелната власт.
Маршот на отпорот започна од пред кавадаречката гимназија помина низ улиците и на крај стигна до центарот на градот. Овде се упатија бројни пораки до граѓаните и до власта. Сите говорници беа едногласни во пораките. Дека власта се плашела да распише предвремни избори оти знаела дека тие избори ќе ги загуби, дека на такви избори ќе се соочела со гневот на народот.
Пратеничката Ленче Николовска во својот говор се осврна на состојбите во аграрот, пред е во лозарството. Им рече на кавадарчани дека не треба да наседнуваат на манипулациите кои ги правела власта со субвенциите, бидејќи тоа биле пари што по закон им следувале на земјоделците.
“Груевски такви ве сака, ориромашени. Затоа што ќе може да ве купува и корумпира со субвенциите кои ви следуваат. Ниту Груевски ниту Ставревски не ви ги даваат од џеб. Тоа се ваши пари. Ве манипулираа дека ако не се донесе буџетот ќе нема субвенции. Субвенциите кои сега ги чекате, тоа се пари предвидени со буџетот за 2012 година кој ние го изгласавме. Требаше досега да ги имате земено сите субвенции за 2012. Но тие го поместија законскиот рок до јуни следната година. Од буџетот за 2012 ќе ги исплаќаат сувенциите за 2013. Каде се сто милиони евра? Ваквата манипулација ја прават со подршка на т.н лидери на земјоделците. Аризанов е најголем уништувач и злосторник на македонскиот аграр. Тој со Шаклев, Тантаров, Секуловски се продадени души на власта за пари. Работат само за власта.“ рече Николовска пред кавадарчани.
“Наша судбина стана отпорот. ВМРО-ДПМНЕ треба да сватат дека не се газди на Република Македонија. Газди се граѓаните. Од секој град направија гето. Привелегии, бенефити, пари и вработување само за фамилијата, локалните моќници и тие околу нив. За нас остана само да плаќаме скапи сметки и да се соочуваме со извршители. Стоп за уништувањето на достоинството“. Ова е пораката пратена до кавадарчани на вечерашниов граѓански парламент од пратеникот и кандидат за градоначалник на Гевгелија, Саве Марачков.
На собирот се обрати и кандидатот за градоначалник на опозицијата м-р Бетиан Китев кој се осврна на лошите состојби, како што рече, од седумгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
“Ни режимот на Лукашенко не се обиде да исфрли пратници и новинари од парламентот. Тоа се случи само кај нас. Единствен излез од оваа криза се фер и демократски парламентарни избори. Влста не смее повеќе да ја избегнува демократијата, Не смее да ги заборава лозарите и стечајците. Не направи ништо да го подобри нивниот статус. Имаме три клучни моменти кои се битни за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци. Повисоки сметки за вода, нерешен проблем на лозарите и повисоки даночни решенија“ рече Китев пред своите сограѓани.
“Имаме само три алтернативи, да потклекнеме на оваа диктаторска власт, да си заминеме од земајава или да застанеме очи во очи со оваа ненародна власт и да и речеме стоп“, нагласи во својот говор претседателот на младите социјалдемократи, општинска организација Кавадарци, Сашко Петров.