Исечени млади стебла од паркот во Кавадарци!
Зимата сеуште е во полн ек, а тоа е причина многу граѓани на разни начини да се обезбедат со дрва за огрев.
Непознати сторители со таа цел деновиве исекле стебла од градскиот парк во Кавадарци. Денеска таму беа екипи на Падарската служба од Кавадарци за да направат проценка на штетите кои се направени. Падарите веќе имале сознанија за можните сторители и работат на нивно откривање.
“Се работи за млади стебла од само неколку години. Дрвокрадците направиле вистинска штета во паркот, кај спомениците на народните херои Ќиро Крстев и Димче Мирчев. Наместо да се посади дрво вандалите ги уништуваат постоечките. Се сечат стебла на само неколку метри од улицата од старата болница во Кавадарци“, рече Трајко Тасев, раководител на падарската служба.
И минатите години дрвата во паркот беа мета на вандалите, а арамиите пустошеа и по лозовите насади каде се крадеа дрвени колци кои ги користат за греење.
Кавадарчани велат сиромаштијата е присутна и затоа многу граѓани не избираат начини како да дојдат до огрев.
А.Д