Наскоро, граѓаните ќе можат да видат какво мелено месо купуваат!
Агенцијата за храна подготвува правилник според кој месарите ќе мораат да го мелат месото пред граѓаните. Месарите велат ќе го применуваме но, ќе поскапи производот.
Повеќе новини содржи правилникот кој ќе ја регулира продажбата на мелено месо во месарите низ државата. Агенцијата за храна и ветеринарство наскоро ќе започне да го спроведува. Тоа ќе значи дека граѓаните ќе можат во секое време од месарниците да си купат тазе мелено месо кое касапите ќе го мелат во нивно присуство.
“Овој правилник доби широк одзив во јавноста и наиде на подршка. Правилникот сеуште не е донесен. Се финализира верзијата и до крајот на месецот сигурно ќе стапи на сила. Со овој правилник покрај меленото месо се опфатени и обработките од месо. Правилникот е обемен, содржи над 200 члена. Се надеваме дека ќе ставиме ред бидејќи неможе да се продава мелено месо од пред 2 дена, без да се наведе што содржи, дали има соја или слично, како што досега се шпекулираше. Спремни сме веднаш по ставањето во функција да притиснеме со целиот капацитет на Агенцијата со цел доселдно почитување и примена на обврските,“ рече во емисијата “Агроспектар“ на локалната телевизија КТВ, Дејан Рунтевски директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Сопствениците на месарници не се спротивставуваат на носењето на правилник но, потенцираат дека тоа ќе ја наметне потребата и од повисока цена на производот. Тие велат дека се спремни да го применат законскиот пропис веднаш откако ќе биде донесен иако стравуваат дека ќе им опадне продажбата на меленото месо поради повисоката цена.
Според месарите граѓаните кои и онака се соочуваат со обезбедување на месо како составен дел на исхраната поскапувањето на меленото месо ќе им создаде дополнителен проблем затоа што потешко ќе можат да го купат. / А.Д