Панчо Минов: “Јас пак ќе се вратам“!
Независниот кандидат за градоначалник Панчо Минов вечерва во кино салата на домот на културата во Кавадарци ја промовираше својата кандидатура за прв човек на општината и неговата независна советничка листа.
“Развој на Кавадарци, конечно решавање на проблемот со водоснабдувањето, доизградба на градскиот плоштад со подземен сообраќај, нов градски пазар, булевар, намалување на цената на водата за пиење, на данокот на имот за недвижности, помош за загрозените и стечајците, отворање на нови работни места, појак гроздобер“. Ова вечерва на промоцијата на своите сограѓани им го вети претендентот за градоначалничка функција Панчо Минов. Рече дека имал силен тим за реализација на ветеното и дека секогаш ќе бил достапен за граѓаните, кога тие ќе имале потреба за средба со него, а не како што било досега “вратите до градоначалникот да ги чува стражар“.
Минов нагласи дека ако ја добие подршката од граѓаните, на претстојните локални избори, целосно ќе се посвети на застапување на лозарите во остварување на нивните права, но и дека ќе ја запрел досегашната пракса на вработувања исклучиво со партиски книшки, а со отворањето на нови работни места ќе прекинело исселувањето на младите . Рече дека секој што досега правел лошо, ќе добивал лошо. Бил опозициски кандидат со силна амбиција за промена на локалната власт како персонална, така и партиско политичка.
Минов на изборите како кандидат за градоначалник ќе настапува под мотото “За јако Кавадарци“.
Вечерва беше промовирана и независната советничка листа која ја предводи поранешниот директор на ОМБУ “Лазо Мицев-Рале“ Златко Јованов, а на неа се наоѓаат професори, угостители, инжинери, земјоделци и домаќинки./ A.Д