Внимавајте каде ја фрлате пепелта од шпоретите!
Грејната сезона е веќе започната. Многу домови како енергенс за затоплување го користат дрвото. Но многу граѓани не внимаваат каде ја исфрлаат пепелта.
Денешниот пример кој го регистриравме со нашиот фотоапарат е само еден од многуте кои ги има во овој период од годината во Кавадарци.
Некој несовесен граѓанин решил пепелта полна со жар да ја исфрли во контејнер, не размислувајќи притоа дека со тоа може да го запали останатиот отпад од хартија и други запалливи материјали кои ги има во контејнерот.
Непромислената постапка си го направи своето. Контејнерот гореше повеќе од еден час а во околината се издигнуваше силен чад, а се ширеше и непријатна миризба.
Од ЈП Комуналец Кавадарци потврдуваат дека многу често имаат вакви случаи и апелираат до граѓаните да бидат повнимателни. Пред да ја стават пепелта во контејнерите да проверат дали во неа има жар, бидејќи со секое палење се оштетуваат контејнерите, напоменуваат од комуналното претпријатие./А.Д
