Димитар Каракулев – инспектор, хуманист и волонтер
Димитар Каракулев, дипломиран криминалист, инспектор за превенција во кавадаречката полиција и претседател на ОО на Црвен Крст Кавадарци е еден од тројцата наградени со највисокото општинско признание „7 ми септември“.
Тој ја доби оваа награда по предлог на Советот за превенција против малолетничка деликвенција за целиот придонес што го има дадено во превентивната улога на полицијата и соработката на полицијата со граѓаните, но и во афирмацијата на хуманоста и волонтерството во Кавадарци.
„Почестен сум со ова високо признание. Ќе продолжам и понатаму да ги промовирам хуманите вредности, волонтерството и соработката на полицијата со граѓаните“ вели Каракулев.
Тој од декември 1991 година до 1995 година работи како раководител на безбедносен сектор во полициско одделение на патниот сообраќај во ОВР Кавадарци, потоа две години е командир на полициско одделение на патниот сообраќај во ОВР Кавадарци, за да од 1997 до 2001 година биде назначен за раководител на безбедносниот сектор во полициската станица Кавадарци. Потоа работи како инспектор по оперативни работи , па инспектор за недозволена трговија со дрога и оружје во ОВР Кавадарци. Oд 2008 година до денес работи како инспектор за превенција во јавниот ред и мир во полициска станица Кавадарци
Паралелно со своите работни обврски во МВР тој е активен и Црвениот крст. Како прв човек на оваа хуманитарна организација воспоставува соработка со Црвениот крст на Ковин. Потоа таквата соработка прераснува и во збратимување меѓу двете општини која се негува до денеска.
Каракулев посетувал многу семинари и обуки од каде има добиено и повеќе сертификати.
Во рамките на својот делокруг на работа како инспектор за превенција во полициска станица Кавадарци и како волонтер во Црвениот крст и Општинскиот Совет за превенција од малолетничко престапништво на град Кавадарци, со мошне голем квалитет организираше голем број превентивни активности за различни возрасни целни групи од 7 до 77 години.
„Во најголем број од овие активности беа опфатени учениците од основните и средните училишта каде што одржав голем број на едукативни предавања, трибини, збогатени со спортски и други содржини. Она што посебно треба да го истакнеме е организацијата на првиот ,,саем за вон училишни активности,, како најголема превентива за младите. Во салата на ДТВ Партизан пред две години околу 40 спортски клубови, здруженија на граѓани и НВО имаа можност да им се престават на околу 4.000 ученици од сите училишта во Кавадарци, со цел тие да изберат за што ќе се одлучат, каде ќе се зачленат и каде ќе го потрошат своето слободно време“ објаснува Каракулев и нагласува дека на сите превентивни активности им дава нови содржини интересни за целните групи, посебно за младите./ А. Д
