Дождот им ја продолжува главоболката на лозарите
Производителите на грозје од тиквешијата годинава се на голема мака. Поради климатските промени родот на грозје е намален за повеќе од половина споредено со минатите години. Дождот кој врнеже во изминатите денови дополнително го оштети и винското и трпезното грозје. Лозарите се жалат дека родот што го спасија од болестите сега им гние поради преголема влажност и дека ќе наберат далеку помалку од планираното. Нивните пресметки говорат дека покрај загубите во род имаат големи загуби и во финансии, бидејќи потрошија многу повеќе од вообичаеното за хемиски средства за заштита.
„Секој ден сме на лозјето. Оваа година речиси како никогаш до сега потрошивме најмногу време за лозата. Прскавме неколку пати повеќе за разлика од нормалните години, но резулттите ни беа многу мали. Пламеницата обра над 60 посто од вранецот. Сега и тоа што остана изгни од дождот“ се жали Стојанчо Андонов лозар од кавадаречко.
„Само лозарите кои навреме ги третираа насадите со хемиски средства против болести и штетници и ги слушаа стручните совети годинава имаат задоволителни резултати. Мора да признаеме и таму има намалување на родот но не во такви рамки како кај останатите кои третираа стихијно и по сопствено убедување. Оваа исклучително катастрофална година за земјоделството, пред се за лозарството, треба да биде поука за лозарите дека во производството покрај нивната пракса и искуство треба да ја почитуваат и науката“ рече проф д-р Ристо Вучков, експерт за зашита на растенијата.
Слободните проценки говорат дека оваа производна реколта лозарите ќе наберат помалку од 100 милиони килограми винско грозје./А.Д
