Лозарите аплицираат за дополнителна субвенција од 2 денари за килограм предадено грозје
2.12.2020
До 25 декември годинава ќе се поднесуваат барања за дополнителната мерка 2 (два) денара по килограм за предадено грозје во регистриран преработувачки капацитет. Аплицирањето започна од вчера.
Корисници на оваа мерка се сите земјоделски стопанства кои поднесуваат барања за субвенции по површина, и членови на истото земјоделско стопанство, објаснуваат од подрачната единица на МЗШВ Кавадарци и додаваат дека дополнителната мерката е поврзана со основната мерка по површина.
„Најпрво еден апел до сите винарски визби, со оглед на краткото време, организирано, според здравствените протоколи, во најбрз можен рок да ги издадат потврдите на земјоделците за да можат да ја искористат мерката. Потврдата се наоѓа на веб страницата на агенцијата за финансиска поддршка. Потврдата е валидна исклучиво, доколку има внесено точни податоци на земјоделецот, потпишана од одговорно лице од винарска визба заверена со штембил и печат“ вели во писменото обраќање раководителот на подрчаната единица Митко Керов.
Тој упатува совет до сите земјоделци кои не можат да поднесат барање по електронски пат, односно им е потребна помош, да се обратат во подрачната единица во Кавадарци.
Дополнителна информација за земјоделците од општина Росоман и околните села, дека и подрачната единица Росоман ќе биде во функција со цел да поднесат барање во матичната општина.
Од подрачната единица на МЗШВ во Кавадарци апелираат до земјоделците да ги почитуваат здравствените протоколи, задолжително да носат маска, да одржуваат растојание и да ги следат инструкциите од подрачната единица.
„Истовремено оваа прилика ја искористувам да соопштам на сите земјоделци кои имаат закуп за државно земјиште, да си го подмират закупот за 2019 година до 18 декември 2020 година, за да не добиваат покани и да плаќаат камати. Подрачната единица ќе работи секој работен ден од 08:00 до 16:00, а доколку има потреба и прекувремено и за време на викенд, се со цел да испадне во пресрет на секој земјоделец да поднесе барање“ информира Керов.
Aнгел Данов