Душко Стојанов остана на улица!
Четворочленото семејство на овој сиромашен и болен човек, среде зима и на поларен студ, нема покрив над глава ниту пари за живеење.
На минусни температури, во зима на улица во Кавадарци се Душан Стојанов со сопругата и двете ќерки. Тој нема решение за дваесет годишните фамилијарни проблеми и недоразбирањата што се случија во неговиот дом. Три години против Душан родителите воделе судски спор а судот одлучил да го избрка од куќата која е препишана на помалиот син и брат на Душан. Овој човек боледува од срце и неможе да се помири дека среде зима е исфрлен со извршители на улица. Се жали дека покуќнината и тутунот кој го работел со семејството се оставени на улица веднаш до куќата каде живееле. Ги покрил со церада и се оставил на милост и немилост на времето.
’“Не знам ни јас зошто дојде до ова. Тоа го знаат само моите родители. Избркан сум со извршител. Моментално сега се наоѓам на улица со се што сум печалел со овие две раце. И тутунот што со мака го произведовме. Не постои можност за помирување со родителите и брат ми. Дваесет години не сме во добри односи, тоа сите го знаат. Децата се со мене. Големата ќерка има 25 години,а помалата е три години помлада и сега е студент на факултет во Кавадарци. Роднини ни понудија спас од поларните температури. Деновиве се сместивме кај нив, во Ваташа. Таму сме како гости, не сме под ќирија оти немаме пари,“ рече со солзи во очите Душан.
Тој нема решение како да дојде до свој дом, но знае дека за кратко време како гости треба да си заминат од куќата во која презимуват. Никој од семејството Стојанови не работи. Немаат ниту еден денар кај себе.
Душан се нуди како аргат за дневница. Тој работи амалски работи, товара, растовара, чисти, носи и цепи дрва. Тој се обратил за помош до општината но, оттаму го упатиле во Центарот за социјални работи но бидејќи немале прзен социјален стан му рекле дека не можат да му помогнат. До денеска никој на овој човек не му помогнал ниту пак му ветил решение за неговиот проблем.
Душан не знае како ќе ги плати судските трошоци и трошоците на извршителот. Вели дека тоа се големи суми пари. Семејството нема ниту за леб, а не да плаќа трошоци кои се направени во постапка која тој не ја повел. Душан е лут на својот роден брат кој вршел притисок врз неговите родителите да го избркаат од семејната куќа.
“Можам да кажам и дека не ми е брат. Тој се вмеша во односите со татко ми. Не избркаа, не само мене туку и мојот помал брат со сопругата и децата.Родителите не живеат тука. Живеат со село Страгово. Куќата е празна, газда е мојот брат Драган и сам се шири во куќата. Го заплашувал татко ми . Имам слушнато од роднини дека моите родители сега жалеле и се каеле. Така постапиле бидејќи биле под притисок. Не верувам дека се каат рече за Дума.мк овој кавадарчанец.
Душан сепак не губи надеж. Верува во чесните намери на добри луѓе или на државата која на крајот ќе му испадне во пресрет. Вели дека ќе прифати се што ќе му понудат само да дојде до покрив над глава и да не лута среде зима по туѓи куќи со децата.