„Тиквеш“ започна да склучува договори со лозарите
Околу 2000 договори за деловна соработка очекува раководството на винарската визба „Тиквеш“ од Кавадарци да се склучат оваа година со лозаро производителите. Најголемата винарска визба во Македонија, пет месеци пред откупот на грозје од годинашнава реколта започна со потпишување на договорите, и како што истакнуваат од компанијата, цените ќе бидат високи, а задоволни се и од динамиката со која се потпишуваат договорите.
Денеска во винарницата во Кавадарци, раководството на „Тиквеш“ на средба со лозарите, го презентираше начинот на кој ќе се одвива меѓусебната деловна соработка, а која се темели на почитување на светските стандарди за одгледување на лозјата, како и точните критериуми според кои ќе се одредува квалитетот на грозјето, согласно најдобрите светски практики и барањата на пазарите каде се пласира виното на „Тиквеш“.
Во соопштението од визбата не се наведени цените по кои ќе се откупува грозјето од годинашнава реколта, но информираат дека се определени количините кои ќе бидат откупени, како и рамковната цена за грозјето, кои ќе значително повисоки од ланските. Најавуваат и дополнителните бонуси за предаденото грозје со екстра квалитет наменето за производство на премиум вина.
Од „Тиквеш“ информираат дека на лозарите им биле дадени и насоки за динамиката на берба и прием на грозје во винарницата, за да се избегнеле несакани појави на различни притисоци и уцени за прием на грозје од страна на поединци, кои немале регулирани договорни односи со винарницата, а се мотивирани од други интереси кои немаат никаква врска со вистинското лозарство и винарство.
„Со оваа средба ја продолжуваме воспоставената практика на разговори и потпишување договори со нашите партнери-лозарите, многу порано пред почетокот на бербата. На овој начин сакаме да им дадеме поголема сигурност на лозарите и да го зајакнеме нашето партнерство со нив, што е наша стратешка определба. Впечаток е дека лозарите се задоволни од понудените услови, најавените количини и цени за откуп, а покажаа и вистинско разбирање за потребата од почитување на стандардите за одгледување на грозјето кои се гаранција за висок квалитет што е неопходен за производство на квалитетни вина кои се бараат на пазарите ширум светот“, велат во „Тиквеш“.
За да се обезбеди квалитетен род, „Тиквеш“ ќе продолжи да ги поддржува лозарите во текот на целата година, обезбедувајќи им препрати со пониски цени, стручни совети и едукација како да постапуваат во процесот на одгледување и заштита на лозјата, а обезбедени се и флексибилни начини на исплата на откупеното грозје во многу пократки рокови од оние кои се дефинирани со закон.
A.Д