Ќе се гради првата детска градинка во село Ерџелија, Општина Свети Николе
Прва детска градинка која ќе може да згрижи над 60 деца ќе се гради во село Ерџелија во Свети Николе. Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпанска, заедно со градоначалникот на Општина Свети Николе, денеска, потпиша Договор за унапредување, промоција и поддршка на политиките за развој на детската заштита, со цел да придонесат за зголемување на опфатот на деца во детските градинки.
– Како Министерство но и како Влада продолжуваме со политиките за зголемување на капацитетите на детските градинки со цел поголем опфат на деца во нив. Предучилишното образование претставува првиот чекор со кој што дечињата влегуваат во образовниот системот, почнуваат да ги стекнуваат основните навики, вештини, се дружат, учат и притоа низ целиот процес ги водат стручни компетентни кадри,рече министерката Шахпаска.
Изградбата и уредувањето на детската градинка е во вредност од 31.565.000 денари и финансиските средства се обезбедени од Министерството за труд и социјална политика. Истата треба да биде отворена за 14 месеци од моментот на воведување на работа на изведувачот.
Стефани Манева