Комисијата повторно ги потврди итните мерки за спас на езерото „Младост“ и бара нивна итна реализација на терен

Објавено: 17 јули, 2025, во 10:33 часот

Езерото „Младост“, некогаш главна дестинација за летна рекреација на велешани и ова лето останува надвор од употреба. Комисијата за следење на состојбата со водата на вчерашната седница повторно ги потврди веќе донесените итни мерки за спас на езерото, чиј квалитет според последните анализи е полош и од минатогодишниот.

-Донесените мерки треба под итно да се реализираат, за да се спаси езрото кое изумир, изјави членот на Комисијата, Димитар Абрашев.

Мерките вклучуваат расчистување на коритото на Отовичка Река, отстранување на наслагите, бушење на нови извори вода кај Рудничка Река, реконструкција на колекторскиот систем и затворање на шахтите што дозволуваат загадување. Како краткорочна мерка, се предвидува дотур на свежа вода во езерото.

Дополнително, како најдолгорочна и ефикасна мерка истакната е итната потреба од довршување на цевководот од езеро „Лисиче“ до езеро „Младост“, во должина од шест километри – проект за кој, како што велат од Комисијата, веќе постои ветување од Владата.

-Голем дел од овие мерки и активности требаше да бидат завршени. Да се надеваме дека до наредна седница на Комисијата која се состанува еднаш месечно дека ќе има превземено активности на терен, а не само да констатираме лоша состојба на водата и да ги преповторуваме веќе донесените мерки за спас на езерото, предупреди Абрашев.

Исто така додава дека претставниците на Центарот за јавно здравје изнеле фрапантен податок дека сега квалитетот на водата е полош од лани.

Забраната за наводнување, капење и рекреација ќе важи се додека стручна институција не изврши испитување и да докаже дека во водата нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.