Концертна вечер со Благој Ламњов – по велешки! (видео)
Објавено: 18 јануари, 2026, во 11:27 часот
Со избрани композиции од двата албуми „Носталгична љубов“ (Nostalgic Love) и “Носталгична љубов 2“ (Nostalgic Love 2) ја отвори својата вечер со велешката публика, којашто ја наполни големата сала на хотел „Романтик“ за да ги слуша звуците на кларинетот во рацете на Благојче на Ламњови, од велешкото маало Соколана и потоа преку неговиот препознатлив стил на наратор кој прво ја раскажува приказната што била мотив за создавање на македонските народни песни тој, виртуозот, да ги свири додека публиката ги пее. И се пееја вчера вечер од „Сербез Донка“ до македонските „Мајка на Марика думаше“, „Не си го продавај Кољо чифликот“.

Ова е најкраток опис на велешката вечер на кларинетистот Благој Ламњов на која присуствуваше публика од различни возрасти. Меѓу нив и другарите на таткото на Благој, кои ги препознавме по емоциите што ги предизвикуваа звуците од кларинетот и тивкиот шепот: „Браво, гордост на Трајче – македонскиот Бадев…наше а светско“.


А тој, Велешанецот кого Европа и Светот го препознава по творештво „ од песни без зборови под влијание на македонската народна музика, ароматизирани со неколку други музички стилови, изведени со елеганцијата и убавината на класичната музичка традиција и класичниот звук на кларинет“ или „увото на публиката буквално се лепи на нотите кои освојуваат брзо и лесно“ воопшто неоптoварен, седнува и одговара на новинарските прашања:
Настапот на Ламњов во родниот Велес беше во пијано придружба на битолчанецот Бојан Димитровски додека негови гостинки беа велешките музички интерпретаторки Сандра Јорданова и Стефани Алчева.
Публиката којашто, вчера вечер, беше присутна на „велешката вечер со Благој Ламњов“ не го пушти да си оди додека не се фотографираше со него откако тој повеќе пати и се заблагодари што му укажа чест со своето присуство. Така и треба, се по велешки!
Убавка Јаневска


