Корупцијата не е родово неутрална: Започна иницијатива за нов пристап во борбата против корупцијата

Објавено на 17 јуни, 2025 во 09:57

Прва тркалезна маса посветена на прашањето „Корупцијата не е родово неутрална. Зошто ни треба поинаков пристап?“, е настан кој отвори ново поглавје во борбата против корупцијата преку интегрирање на родовите аспекти. Станува збор за прв настан во рамките на проектот „Интегрирање на родовите аспекти во напорите за борба против корупцијата“, кој го спроведуваат Организацијата на жени – Општина Велес и Националната мрежа „Жените за Жените“ – Скопје.

На тркалезната маса учествуваа експерти, претставници од институции и граѓанскиот сектор, кои споделија мислења и искуства од различни перспективи – од активистички до институционален пристап. Меѓу говорниците беа м-р Љупка Трајановска, консултантка за родови прашања, доц. д-р Гордан Георгиев, политиколог, и проф. д-р Зорица Силјановска, професорка на Факултетот за правни и политички науки на АУЕ-ФОН.

Во дебатата активно се вклучија и претставници од Државната комисија за спречување на корупција, Министерството за труд, социјална политика, демографија и млади, Државниот завод за статистика, како и неколку невладини организации.

-Нашиот пристап е различен од активистички до институционален, од локално до национално ниво затоа што корупцијата се манифестира различно за различни жени и одговорите мора да го препознаат тоа. Само така можеме да ja видиме целата слика, изјавија од Организацијата на жени – Општина Велес, носител на проектот.

Главната цел на иницијативата е вклучување на родовата перспектива во националните и локалните антикорупциски политики, како и зајакнување на институционалните механизми за справување со корупцијата. Овој пристап има за цел да обезбеди поинклузивно, поефикасно и потранспарентно управување и да придонесе кон еднаков пристап до правда и заштита за сите граѓани.

Општина Велес е клучен партнер во овој проект како проактивна општина.

Проектот се спроведува во рамки на Програмата за мали грантови на СЕЛДИ – Southeast Europe Leadership for Development and Integrity, како дел од регионалната мрежа за антикорупција, финансирана од Европската Унија.

Организаторите најавуваат дека ова е само почеток, наскоро следува тркалезна маса и во Велес.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.