Македонската полиција контролира присуство на алкохол во крвта на возачи но не и на наркотични супстанци
Не се мери присуството на дрога во организмот туку само на алкохол при редовните и вонредни контроли коишто полициските службеници ги вршат на учесниците во сообраќајот. Во државата се користи дрегер, кој го открива нивото на алкохолизираност на возачите. Исто така се применува и земање на крв за да се утврди колкаво е нивото на алкохол со кое учесниците во сообраќајот возат на улиците во градовите и на патиштата низ државата. Од МВР за Дума.мк потврдија дека државата нема практика на редовни контроли за да утврди дали возачи управуваат превозни средства под дејство на наркотици и во колкав процент.
Единствено во сообраќајните незгоди, доколку полицијата се посомнева бара од лекари специјалисти или од Итна помош да се земе освен крв и урина. Иако лабораториските анализи се прават во служба на МВР, во Скопје, ретки се примерите на утврдување на присуството и количеството на наркотични средства.
Од Министерството за внатрешни работи немаат конкретен одговор зошто нема постапка на редовно контролирање на наркотичните средства и покрај зголемениот број на сторени прекршоци од страна на учесници во сообраќајот. Прекршителите се казнуваат за алкохолизираност но не и за возење под дејство на наркотици.
Граѓаните бараат во создавањето ред на македонскиот асфалт да се контролира и присуството на психотропните супстанци. За нив ова е исто така безбедносна мерка затоа што од една страна, како што велат, постојано слушаат и читаат за успешни полициски акции за откриена и запленета количина на дрога но не и за возачи на моторцикли и автомобили кои возат под дејство на екстази или разни видови на дрога.
Вторите, исто така, директно или индиректно ја загрозуваат безбедноста на градските улици, сметаат граѓаните. Тие сведочат на сомнителни ноќни беснеења со моторцикли или автомобили на асфалтот за кои се сомневаат дека причина не мора да е само алкохолот.
Инаку освен што не се води статистика од страна на МВР нема ни здравствена институција којшто може да потврди за колку пациенти полициски службеници побарале а лекари издале лабораториски упат да се земе урина и да се провери дали возачи возат под дејство на дрога. Барем не е така во ЈЗУ Општа болница Велес и ЈЗУ Здравствен дом Велес.
Наспроти праксата во Македонија, во соседството, најблиску во Србија, тамошните полициски службеници спроведуваат редовни и вонредни контроли на мерење на присуство на наркотични средства кај возачи. Тамошното министерство соопштува поразителни податоци од резултати во кои голем е бројот на возачи коишто возат под дејство на разни видови на дроги низ градски улици или патишта и автопати. Таму казните не се прекршочни туку согласно законот се изрекуваат мерки меѓу кои е и затворска казна, која изнесува од неколку месеци до 3 години.
Убавка Јаневска