Масовна имунизација и во Велес од 15 овој месец

Објавено на 5 мај, 2021 во 17:24
Велес, главна улица „Благој Ѓорев“

Очекуван датум за започнување на масовната имунизација на велешани треба да биде 15 мај, годинава. Дума.мк дознава дека одлуката е донесена и треба да ја поврди Владата на седница. Според овие извори најсоодветно место за отворање на пунктови за масовна имунизација во Велес е спортската сала „Гемиџии“.  Но, дефинитивно ќе се знае деновиве.

Иако досега освен Министерот за здравство Венко Филипче и денеска Премиерот Зоран Заев јавно соопштија дека Велес и Прилеп ќе бидат следните градови во кои, исто така, граѓаните масовно ќе можат да се вакцинираат ниту еден од нив официјално не објави точно кога и каде ќе бидат отворени вакциналните пунктови во Велес и Прилеп.

Во недостиг на навремени информации велешани се почество регираат на примање на вакцината „Синофарм“ на вакциналните пунктови во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци.  Особено кога станува збор за возрасни граѓани кои немаат услови и превоз за да стигнат до Кавадарци. Граѓаните се вознемирани и збунети поради тоа што никој, па дури ни матичните лекари, не им кажувале што треба да направат во ваква ситуација. Затоа своите реакции и коментари ги пишуваат на фан страниците на медиумите.

Еден од нив денеска на фан страницата на Дума.мк ја напиша својата мака. Тоа е велешанец кој за возрасната баба, да ја однесе во вторникот на 4 мај, на закажан Мој термин за вакцинација во Кавадарци, се изложил на дополнителен трошок од 1.300 денари и на потрошено време.  Но овој велешанец не знае каде ќе биде ревакцинирана неговата баба и доколку се отвори пункт во Велес јавно праша зошто таа да не биде ревакцинирана во родниот град.

Реакција на велешанец објавена денеска на фан страницата на Дума.мк

Други граѓани им се јавуваат и информации за тоа што треба да сторат бараат од новинарите.  Затоа е потребно сите, од матичните лекари преку службите за имунизација до министерството за здравство, редовно да им даваат информации на граѓаните кои сакаат да си го заштитат сопственото здравје и да влијаат на заштитата на јавното здравје.

Инаку, во Одделот за имунизација на Здравствен дом Велес  денеска се вакцинирани 100 велешани. Дваесет од пријавените не се појавиле на вакциналните пунктови. Имунизацијата продолжува и во наредните денови во кои дневно се планирани по 120 вакцинирања. До денеска вкупно вакцинирани се 1590 велешани и до сабота, 8 мај, на располагање Велес има уште 300 дози вакцина од кинески „Синофарм“.

Убавка Јаневска

Сподели: