Маж од Градско излетал со автомобил кај мостот на Црна Река, по санирање на повредите пуштен на домашно лекување
Објавено: 18 декември, 2025, во 14:15 часот
Четириесет и четири годишен маж од Градско се здобил со повреда на глава и исчашување на рамо откако со автомобил излетал надвор од коловозот на регионалниот пат од Градско кон Неготино, во близина на мостот на река Црна Река.
-Пациентот е донесен во ЈЗУ Општа болница Велес по што му е направена рендген снимка и констатирана е лесна повреда на глава како и исчашување на рамо. Повредите се санирани и пациентот е пуштен на домашно лекување, соопшти д-р Ванчо Граматов портпарол на велешка болница.
Од Сектор за внатрешни работи Велес соопштија дека сообраќајната незгода била пријавена вчера, рано наутро, во 07:45 часот по што на лице место излегла увидна екипа од СВР Велес и извршила увид.
-На 17.12.2025 околу 07:45 часот во СВР Велес е пријавено дека на регионалниот пат од Градско кон Неготино, во близина на мостот на река Црна Река, патничко возило „форд“ со велешки регистарски ознаки, управувано од П.Б.(44) од Градско, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Општата болница Велес. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Велес, пишува во дневниот билтен на СВР Велес.
Стефани Манева


