Мицкоски и Колев ги посетија локациите во Велес кадешто се извршуваат градежни активности

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев како и претседателот на Советот, Зоран Љутков, денеска, прошетаа и посетија повеќе локации во Велес кадешто се извршуваат градежни работи поточно се реконструираат улици и се гради паркинг. Градоначалникот Колев рече дека некои локации се целосно завршени додека пак на други се уште се работи.

– Улицата Христо Татарчев кадешто се наоѓаме, денеска, треба да биде целосно завршена, асфалтирана и ставена во функција. Потоа ќе се упатиме кон улицата „Кумановска“, ќе го посетиме и еден од најголемите паркинзи во Велес којшто е направен во последните пет години а тоа е паркингот кај локацијата позната како поранешно АТД, каде има сериозни градежни активности и веќе следниот месец треба да биде ставен во функција. Исто така, ќе го посетиме и детското игралиште „Дизни“ а потоа ќе продолжиме кон градскиот пазар. За крај ќе поминеме покрај река Вардар, кадешто со средства од Европска Унија ќе треба да се изгради новиот кеј, рече градоначалникот Колев.


Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека не може да го сокрие задоволството од тоа што го гледа денеска во Велес и дека е посебно среќен што се реализираат ветувањата од предизборната кампања.

-Убеден сум дека Марко во периодот што следи како градоначалник на Велес заедно со претседателот на Советот како и пратеникот од редовите на ВМРО – ДПМНЕ ќе добива вредност и уште повеќе проекти да реализира. Убеден сум дека целата програма што беше ветена за време на кампањата ќе биде и реализирана, додаде Мицкоски.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ посака да се реализираат и успешно завршуваат други проекти кои не биле ветени.
Стефани Манева
