Младите велешани сакаат кино, побогат театарски репертоар, почист град и вработување

Објавено на 28 февруари, 2022 во 16:04

Средношколката Макфире Ахмедова смета дека во градот Велес има недостаток од волонтери коишто треба да бидат вклучени во повеќе волонтерски активности со цел да го направат Велес подобро место за живеење. Исто така, таа порача дека на градот му е потребна велосипедска патека но и кино.

Со нејзиното мислење за отворање на кино салата го градска библиотека со повеќе филмски проекции се сложија и останатите млади сограѓани коишто немаа храброст да застанат пред камерата на отвореното студио на веб порталот „Дума.мк“, во саботата на 26 февруари. Тие нивните приоритети ги напишаа на специјално подготвените писма од страна на Дума.мк. Покрај кино, младите велешани побараа и повеќе претстави на репертоарот на Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.

Исто така, за нив сериозен проблем претставува недоволниот број на паркинг места па затоа побараа повеќе катни гаражи. Младите ја потенцираа и потребата од патека покрај кејот, велосипедски патеки на градските улици кон „Езеро Младост“, како и спортски терени, побезбеден, чист и среден градски парк, реновирање на градскиот базен и градење на затворен пливачки базен.

Младите велешани побараа и подобро улично осветлување, решавање на проблемот со бездомни кучиња и мачиња и воведување како и воведување на градски превоз до околните населбата „Речани“ , „Башино Село“ и „Отовица“, особено за време на викенд.   

Тие за почист Велес побараа сортирање и редовно собирање на отпадот, повеќе улични канти но и машини за рециклирање на пластика и друг вид на отпад, повеќе зелени парковни површини и поздрава животна средина.

Младите велешани го посочија и проблемот со непристапноста за лицата со попреченост како и потребата од згрижување и помош на бездомните лица и деца.

Оние коишто се студенти како проблем го издвоија тоа што во нашиот град нема читална. Исто така, за време на студиите немаат каде да работат со скратено работно време. Во овој дел ја искажаа и потребата од градење на градски трговски центар во коишто ќе има повеќе локали продавници.

Сите заедно го делат мислењето дека на Велес му е потребен подобар ноќен живот, повеќе забава, детски, поетски и музички манифестации,  повторно организирање на „питијадата“,  но и поголем број на ноќни клубови како и отворање на Младински центар.

На дел од писмата се напишани и потребите од побогато новогодишно украсување но и лизгалиште за време на новогодишната еуфорија.

Предлозите на младите велешани ќе бидат теми на новинарските приказни на веб порталот Дума.мк со цел да се обезбедат одговори од институциите коишто се надлежни.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.