Мобилно новинарство: Велешанка со велосипед ги освојува убавините на Македонија (фото и видео)

Таа е велешанка, има 36 години и е спортистка, поточно, велосипедистка. Се вика Александра Левкова а нејзина пасија е со велосипедот да ги истражува и истовремено да ужива во убавините на Македонија. Магистерката по Евроинтеграции, вработена е во приватна компанија „Маркард“. Но, таа секој слободен момент го посветува на возењето велосипед. Левкова открива дека токму велосипедот ја поттикнал нејзината љубов кон природата која ја чувствува како бесконечност на слободата на движење.

-Во Велес немаме велосипедска патека и отежнато е возето велосипеди. Секогаш си наоѓаме алтернатива. Како главна рута или секојдневен тренинг, мене ми е дестинацијата Велес – Езеро „Младост“,потоа низ ридските предели над езерото,по угорницата до „Ветерско“. Тоа е мојот секојдневен тренинг. Го практикувам после работните обврски, додаде Левкова.

Велес има Здружение на велосипедисти. Тоа е „Велес бајкинг“, организаторот на редовните велосипедски планински тури. Левкова, веќе втора година, не пропушта ниту една од нив. Таа извозила десетици извонредни тури низ Македонија. Ги предочи највпечатливите.

-Можам да издвојам дел од турите коишто ги организира нашето здружение секоја година. Првата е „Атиџе или Медена Земја“ којашто се одржува на крајот на месец март. Така ќе биде и оваа година. Потоа турата „Азот“ која е прекрасна, живописна тура низ убавините на Азот. Како и турата „Питијада“ којашто се традиционално се одржува во месец октомври. На овие тури има голема посетеност на велосипедисти и интузијасти од цела Македонија. Имаме прекрасна дружба, прекрасно возење, додаде Левкова.

Левкова и нејзиниот велосипед се освојувачи на врвовите „Солунска глава“ на надморска височина од 2540 потоа „Иванов врв“ на надморска висина од 1970 метри, па „Клепа“ на надморска висина од 1150 метри. Според неа постојат уште неколку други природни убавини во државата што особено и се драги.

– Најдолга тура којашто можам да ја издвојам е со рута Велес – кумановско село Градиште, вкупно 108 километри. Таа тура беше со една хуманитарна цел и активно возење имавме околу седум часа, додаде Левкова.

-Кога тргнуваме на било која тура, нормално е да очекуваме секаква ситуација. Имаме возено низ кал, кога врне премногу дожд и не прави „жива вода“, но сме продолжувале понатаму бидејќи нашата желба и мотив биле поголеми и од таквите временски услови.Важно ешто секогаш сме ја завршувале турата, додаде Левкова.

За неа неописливо е чувството на уживање додека се вози низ планини кои изобилуваат со живописни предели. Глетката што хоризонтот ја распостила пред човечкото око опушта и смирува. Тоа позитивно влијае и на личното ментално и физичко здравје. Затоа сите придобивки и убавини од овој спорт кои не можат да се доловат со зборови мораат да се доживеат.
Стефани Манева
