Најмногу до две недели ќе трае санацијата на железничката пруга на делницата Лисиче – Драчево, возовите ќе доцнат 30 до 40 минути

Големи оштетувања на пругата помеѓу Скопје и Велес, на делница Лисиче –Драчево предизвикаа вчера обилните дождови од коишто надојде Маркова река. Втор ден од 30 до 40 минути дополнително доцнат возовите коишто сообраќаат на делницата Скопје – Велес – Скопје.
Дума.мк дознава од вработени на Македонски железници дека нивни екипи денеска започнале со санирање на оштетениот насип на пругата, од околу стотина метри, на делницата Лисиче-Драчево. Оттаму првичните најави се дека санацијата ќе трае најмалку една а најмногу две недели, во зависност од временските услови. Во истиот временски период железничкиот сообраќај ќе се одвива по пругата но со зголемено времетраење на патувањето затоа што возовите ќе сообраќаат по пругата од Лисиче кон Трубарево и Маџари за да стигнат до Железничка станица Скопје. Можно е сообраќањето на некој од возите да биде времено сопрен, за што јавното претпријатие ќе информира дополнително.
Убавка Јаневска
