Наставниците на ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка не одржаа настава, ги поддржаа родителите коишто ја бојкотираат паралелката на албански наставен јазик
Наставниците на ООУ„Тодор Јанев“ во Чашка денеска не одржаа настава. Сите наставници ги поддржаа родителите кои ја бојкотираат наставата поради обидот на Министерството за образование да отвори паралелка на албански наставен јазик. Родителите на учениците се едногласни во барањето МОН и директорката на училиштето да не се обидуваат без поддршка од месното население да воведуваат двојазичност во училиштето.
„Во училиштето наставата ,до пред некој ден, се одржуваше само на македонски јазик додека во вчерашниот ден со дозвола на Министерство за образование настава се одржува и на албански јазик. Жителите на населба Чашка немаат никаков проблем со учениците кои сакаат да учат на друг јазик, различен од македонски јазик, да го остварат своето право но, во околните населени места каде има училишта со настава на албански јазик но во населбата каде нема ниту еден жител којшто зборува на албански јазик тоа не го дозволуваме. Жителите се разочарани и од игнорантскиот однос на директорката на училиштето бидејќи не излегува на разговор со родителите за да ги образложи причините за непромислените процеси којшто ги спроведува. Жителите на Чашка се едногласни во ставот дека бојкот ќе има се додека надлежните институции не го решат вештачки создадениот проблем, пишува во соопштението на родителите и жителите на Чашка.
Тие попладнево, со почеток во 17 часот, на плоштадот „Македонија“ во населба Чашка ќе одржат прес конференција.
Убавка Јаневска