Неготино избрана за најдобра општина за развој на претприемништво во Средна и Југоисточна Европа

Општина Неготино е добитник на престижната награда и признание „Глобаллокал“ за најдобра локална заедница во областа на развојот на претприемништвото во Средна и Југоисточна Европа за 2024/2025 година. Веста ја соопшти градоначалникот Горан Стојанов, кој ја прими наградата во рамки на Меѓународниот економски форум „Перспективи“, што се одржа од 15 до 18 октомври во Љубљана, Словенија.
Форумот, организиран од Светскиот конгрес на претприемачи, собра бројни претставници на локални самоуправи, институции и бизнис-заедници од Европа, а наградата „Глобаллокал“ се доделува на општини кои успешно создаваат поволна клима за економски раст и поддршка на претприемништвото.
– На форумот преку аудио-визуелен материјал ги презентирав потенцијалите, мерките и поддршката што Општина Неготино ги нуди за развој на претприемничкиот дух. Признанието е резултат на континуираната работа и посветеност во унапредувањето на локалната економија и создавање услови за нови бизниси, истакна Стојанов.
Градоначалникот нагласи дека оваа награда е признание не само за локалната власт, туку и за сите граѓани, претприемачи и институции кои придонесуваат за економскиот развој на општината.
– Со голема чест и гордост ја примив оваа награда во име на граѓаните на Неготино. Таа е поттик за сите нас да продолжиме уште посилно во градењето на Неготино како современа, развиена и претприемачки ориентирана општина, додаде Стојанов.
Општина Неготино веќе неколку години наназад се позиционира како пример за ефективна локална самоуправа која активно соработува со бизнис-секторот и креира стратегии за одржлив економски развој.
Стефани Манева


