Наместо на улица,бездомните кучиња, во прифатилиште!
Бездомни кучиња сеуште шетаат низ улиците во Неготино. Во последно време бројот на глутници е намален но, Неготинци сеуште од нив се плашат.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=-HnsN8jTY38{/youtube}„ Најмногу кучиња има навечер и тоа на плоштадот во центарот на градот.Сепак нема куќа во која нема куче а ги има и на улица. Преку ден се пред продавници, расфрлаат по контејнерите, цели глутници, да ти е страв да поминеш зашто може во секој момент да те нападнат.Надлежните мора да преземат нешто“,рече жител на Неготино.
Неодамна општина Неготино и Ветеринарна станица потпишаа договор со кој се обврзаа да регистрираат прифатилиште за бездомни и нерегистрирани кучиња. Општината е една од првите три во државата која реализира ваков проект со цел да ги спасат граѓаните и да се обидат да ги вдомат кучињата.
„Склучивме договор на годишно ниво во висина од 300 илјади денари според кој Ветеринарна станица Неготино треба да ги преземе сите мерки во делот на прифатилиштето на кучињата скитници,да се заловуваат и да се сместуваат во кафезите,ова секако се однесува и за мачките“, рече градоначалникот на Неготино, Пане Трајков.
Сега Неготинци треба да се информираат дека штом забележат куче без стопан треба да се јават во Ветеринарната станица. Пријавувањето може да се направи и кај општинската комунална инспекција. Вработените во ветеринарната станица се должни да излезат, да го пронајдат, земат и однесат бездомното куче во прифатилиштето кое се наоѓа до дворот на станицата.
„Значи на самиот почеток ние правиме селекција на здравствената состојба на кучињата па врз основа на тоа одлучуваме што ќе правиме понатаму. Прегледите се задолжителни, по што праќаме крв на анализа во соодветна лабораторија за да видиме дали кучето е здраво. Ќе имаат можност љубителите на кучиња истите и да ги вдомат, за таа намена прво кучињата ќе ги сликаме а потоа нивните фотографии ќе ги објавиме на веб сајтот на општината за да можат луѓето подобро да направат избор“, рече раководителот на Ветеринарната станица во Неготино, д-р Горан Рајчановски.
Прифатилиштето за бездомни кучиња работи по четири часа, секој работен ден во неделата. Во сабота пак, работното време почнува во 8 наутро и трае до 14 часот попладне. Во овој период, граѓаните, можат да го посетат стационарот и да ги разгледаат бездомните кучиња како и да одлучат кое од нив би сакале да го вдомат. Постапката за вдомување е кратка а Неготинци веднаш можат да го носат избраното милениче, дома.