Спречи и лечи ја зависноста од дроги!

Објавено на 27 ноември, 2012 во 20:19

„Видов млад зависник во тешка криза,кој имаше потреба од дрога,целиот беше облеан во пот а рацете му се тресеа.

Рече дека и да сака веќе не може да се откаже. Многу ми беше жал, за него и за неговиот  млад живот кој го фрлил во прегратките на дрогата“. Вака ја започна средбата со присутните инспекторот од одделот за наркотици во полициската станица во Неготино, Зоран Сакламаев.  Раскажувањето на случката и потресното искуство на инспекторот со внимание го следеа присутните млади и нешто повозрасни Неготинци заедно со членовите на здружението „Надеж-Мит-2012“ чија цел е едукацијата за навремено препознавање на опасностите и последиците од дрога.

 

Полицијата ги соопшти последните информации според кои голем процент од сторителите на кривични дела се зависници. За да дојдат до пари прават се од кражби до разбојништва. Се симнува старосната граница на наркоманите. Има 12 годишни деца, ученици во основно училиште, кои за да ја задоволат љубопитноста посегнале по дрога.

„Дилерите на дрога ги следат младите кои потоа не можат да излезат од нејзините канџи. Затоа се важни родителите на кои ќе им помогнеме со стручна помош за да се обидат да го спасат своето дете“, рече др Блаже Саздов,невролог во Здравниот дом во Неготино.

Младите Неготинци и нивните родители добија информации за тоа какви се дроги постојат, како изгледаат,како се спакувани и како корисниците ги употребуваат. Особено родителите за да можат навреме да препознаат кога нивното дете користи дрога и како да му помогнат.

„Дополнително се  информирав за ова зло на денешницата. Мене ми требаа информции а верувам дека им се неопходни на многу мои сограѓани. Едукација ни треба, нам на родителите, затоа што сметам дека ние ги немаме потребните информации во споредба со нашите деца“ рече родител на ученик во основно училиште.

Присутните преку видео презентација ги проследија последиците од  конзумирањето на дрога и однесувањето на зависниците кон најблиски и пријателите.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.