Неготино, со кредит, ќе го решава проблемот со водоснабдување!
Независно од годишните времиња, лето или зима, неготинци имаат проблеми со водоснабдувањето.
Редукциите на водата за пиење се најизразени во лето. Тогаш во градот нема вода и по дванаесет часа дневно. Освен што неможат кога сакаат да ја пијат граѓаните имаат проблеми и со личната хигиена. Неготинци признаваат дека порелаксирани се во есен и зима иако и тогаш на водата и се радуваат како на благодет.
„Ние ќе одиме во ЕУ а нема вода да се искапеме. Кога немаме вода,немаме ништо,“ вели жител на Неготино.
„Не можеме ни садови да си измиеме ни да се испереме, а муабет да не правиме за освежување особено во лето кога поради пеколните жештини туширање ни треба повеќе пати во денот. Многу тешко е,се снаоѓаме како знаеме и умееме“,вели жителка на Неготино.
Чекајќи да протечат славините неготинци веќе се навикнаа да не спијат. За нив полнењето на водата во пластични буриња е прв приоритет. Се жалат и на одлуката на „ Комуналец“ со која од средината на годинава е зголемена цената на водата за пиење за 80 проценти. Јавното претпријатие се одлучило на ваков чекор бидејќи му се зголемиле трошоците.
Редукции на водата за пиење во Неготино има и сега. Но тие се намалени поточно се случуваат само ноќе.
Локалните власти и ЈП „Комуналец“ со оптимистички најави дека проблемот многу брзо ќе се реши откако пред извесен период со германската KFV банка за обнова и развој беше потпишан договорот за финансирање на проект за подобрување на водоснабдувањето во градот. Станува збор за кредит со кој ќе се гради нова водоводна линија освен во Неготино и во неколку населени места во општината. Така ќе треба да се прекинат губитоците на вода кои според локалната власт се главна причина за недостигот и редукциите.
