Осмомартовски подароци изработени со душа и од срце!
Неколку недели вредно работеа бидејќи сакаа да создадат најубави рамки за фотографии, честитки и букети од цвеќе кои токму на 8 март ќе завршат во рацете на жените кои се грижат за нивниот психолошки развој.
И создадоа убави подароци чија оригиналност и не е толку значајна колку големото искрено срце кое чува во малите гради на корисниците на услугите на Дневниот центар за помош на лицата со ментален хендикеп во Неготино.
Нивната насмевка и искреност додека им ги подаруваа честитките и подароците на вработените во јавните институции во градот значеа благодарност за вниманието што го добиваат. Зборовите беа кратки но ја содржеа најискрената осмомартовска честитка.
Тоа предизвика возбуда кај повеќето жени кои ги добија подароците од штитениците на дневниот центар Порака во Неготино.
„Подарија од срце лицата со хендикеп е активност која ја реализираме по повод празникот на жената. Овие лица имаат свои способности имаат талент,креираат и тој талент во случајов може да се забележи. Ние ги препознаваме нашите корисници кои имаат талент и на секој начин им помагаме да ја изразат нивната креативност“, рече раководителката на Центарот, Гордана Трајковска./Б.Н.Т
