На Македонија и треба квалитетно млеко за подобра конкурентност на пазарот!
До крајот на овој месец сточарите во Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Неготино треба да се пријават за добивање на субвенции од литар продадено кравјо, овчко и козјо млеко за што од државата ќе добијат по 3,5 денари.
Раководителот Златко Пенков изјави дека станува збор за млеко кое сточарите го продале лани во текот на месеците октомври, ноември и декември. Сточарите треба како доказ за продадено млеко да достават откупни белешки кои ги добиле од преработувачки капацитети запишани во регистарот за производство на храна од животинско потекло.
Државата неодамна вети оние производители кои ќе произведат поквалитетно млеко дека во иднина ќе добиваат поголеми субвенции.
Поддршката за производството за оваа година изнесува 3,5 денари за литар предаден во преработувачки капацитети додека од 2014 до 2017 година, според новата петгодишна програма на државата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, млекото ќе се субвенционира според квалитетот.
Оние сточари кои ќе произведуваат екстра квалитетно млеко идната година за еден литар ќе добиваат по 4 денари, односно 3,5 денари за прва и 2,5 денари за втора класа.
Во 2015 година, субвенциите за првите две класи остануваат исти ,додека сумата за млеко од втора класа ќе се намали на два денари. Во 2016 и 2017 година млекото со најслаб квалитет, пак ќе се поддржува само со 1,5 денари по литар.
Производителите на млеко од своја страна се задоволни од субвенциите но сепак посочуваат и на одредени состојби во овој сектор за кои како што велат се провлекуваат години наназад.
Според нив тие се уште не се во можност да обезбедат поевтина храна за добитокот, подобри услови за одгледување на стоката и можноста за нови раси на добиток и дека тоа се многу битни работи за подобро и поквалитетно производство./Б.Н.Т