Од два до седум пати повисоки вредности на ПМ 2,5 и ПМ 10 во воздухот во Велес
Во ноември, од почетокот до денеска, концентрациите на ПМ 2,5 и ПМ 10 честички се секојдневно високи во воздухот во градот. За разлика од мерењата во центарот на Велес овие два вида на честички , невидливи со голо око и опасни по здравјето на граѓаните, континуирано регистрирани се во повисоки вредности во населба Шорка. Во центарот на градот пикот го достигнале на средината од месецов.
-Пикот, којшто е регистриран на две мерни станици поставени од ЕД„Вила Зора“, бил на 13 ноември. Тогаш на мерната станица во центар се регистрирани 181 микрограми/м3 воздух ПМ 2,5 честички. Тоа значи дека вредностите се седум пати над дозволените граници. Од 13 ноември, што го земаме како пресек, па до денеска ПМ 2,5 честичките се регистрираат во концентрации од два до два ипол пати над максимално дозволените граници. Исто така ПМ 10 честичките се присутни во концентрации од еден до еден ипол пати над максимално дозволените граници, рече Сашка Коцевска.
И неделава се повторува истата состојба со вредности на опасните честички во воздухот во повисоки концентрации од два до два ипол пати од дозволените вредности. Референтните, поточно, дозволени граници за ПМ 2,5 честички изнесуваат 25 микрограми на метар кубен воздух додека двојно повеќе за ПМ 10 честичките.
Тоа значи дека во изминатите скоро три недели воздухот во градот бил енормо загаден. Концентрациите на овие опасни честички директно влијаат по здравјето на велешани. ПМ 2,5 честичките се поопасни од ПМ 10 честичките. Тие длабоко навлегуваат во белите дробови и ригорозни се на работата на срцето и на кардиоваскуларниот систем.
Овие резултати екологистите ги следат дневно, 24 часа, на две, од трите поставени мерни станици во градот. Првата во населба Шорка и втората во центарот на Велес. Работата на третата мерна станица, во Нова Населба, е варијабилна поточно за неа е побарано сервисирање затоа што, според екологистите, не покажувала доволно релеванти податоци. Сервисирањето треба да се случи најдоцна до понеделник, 29 ноември.
Но, дневната анализа на податоците на двете мерни станици од кои екологистите ги вадат среднодневните концентрации на загадувањето на воздухот во градот покажуваат дека поголемо е загадувањето во населба Шорка од центарот на Велес.
-Исклучоци се само неколку дена кога во централното градско подрачје вредностите се повисоки од населба Шорка. Ако имаме загревање на домови со огревно дрво и во двата посочени делови на градот тогаш неможеме да кажеме дека тоа е причина на загадувањето на воздухот во Шорка. Ние податоците ги следевме и минатата зима кога воздухот беше загаден на целата територија на градот . Засега неможеме со сигурност да кажеме дали вака високите вредности на загадување се од сообраќајот, од греењето или станува збор за трет причинител, додаде Коцевска.
За да бидат сигурни во понатамошното анализирање на податоците од мерните станици, екологистите се надеваат дека набрзо ќе постават уште три во Велес. И тоа на различни од веќе поставените локации. Тогаш освен следењето на резултатите ќе се создадат услови за дефинирање и на причинителите на загадувањето.
Убавка Јаневска