ОЈО Велес со детали за убиството во велешко: Од ударот на автомобилот, мажот излетал во воздух и се закачил на жичана ограда

Поради основа на сомнение дека 25 годишниот жител на село Виничани, со умисла лишил од живот едно лице, со што сторил кривичко дело Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик, Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против него.
-На 19 јули настанала вербална расправија за водоводна цевка во селото меѓу таткото на осомничениот и жртвата, по што осомничениот заминал дома, го зел автомобилот Фиат панда сопственост на неговиот татко и со многу голема брзина се упатил директно кон оштетениот, намерно удирајќи го со возилото. При ударот, оштетениот со глава удрил во ветробранското стакло на автомобилот, излетал во воздух и се закачил на жичана ограда од двор, по што паднал на земјата, здобивајќи се со многу тешки телесни повреди од кои починал на лице место, пишува во соопштението на обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците на настанот, но и веројатност дека би можел да го повтори или да стори ново кривично дело.
Стефани Манева
