ОЈО Велес оформи предмет за врсничкото насилство,разрешена директорката на училиштето во Градско
Секторот за внатрешни работи Велес до Основното јавно обвинителство во Велес испрати известување со поплака од родителот И.Т за вознемирување и добиени закани на неговиот малолетен син од свои соученици во ООУ„Даме Груев“ во Градско. Обвинителството оформи предмет, потврди денеска за Дума.мк обвинителката Гордана Тодорова.
-Обвинителството оформи предмет и во тек е предистражна постапка за прибавување на докази во врска со пријавениот кривично правен настан, додаде Тодорова.
Исто така, денеска, на својот фејсбук профил пост поврзан со случката во ООУ„Даме Груев“ напиша и Градоначалникот на Општина Градско. Киро Нацков во телефонски разговор за Дума.мк потврди дека донел одлука за разрешување на директорката на училиштето.
-Деновиве сме сведоци на немил настан во основното училиште во општина Градско. Морам да напоменам дека ја согледав целосната ситуација и денес превзедов конкретна мерка што јавно ја соопштив преку мојот фејсбук профил. Во рамки на моите надлежности ја разрешив директорката на ООУ„Даме Груев“. Исто така апелирам до сите засегнати страни да превземат одговорност и мерки бидејќи иако случката е пријавена во МВР и во Центар за социјални работи Велес сепак сеуште нема никаква реакција. Очекувам СВР Велес, Центар за социјални работи Велес и Државен инспекторат за образование како и сите надлежни органи детално да го истражат случајот и онаму каде е потребно да се помогне, да помогнат , додека таму каде што ќе утврдат одговорност, неа одговорните и да ја сносат, додаде Нацков.
Констатирајќи дека случката не смее да се повтори, градоначалникот Нацков, апелираше на совесност како најзначајна вредност за иднината на децата и учениците.
Пред три дена Дума.мк според изјава на родителот и докази како и лекарско уверение на име на неговиот син, поточно ученикот жртва, објави текст со наслов „Првенец на генерација изложен на булинг во училиштето во Градско“ за случено врсничко насилство или булинг врз 14,5 годишното момче од страна на двајца негови соученици. Момчето во два наврати од соблекувалната за физичко образование излегло со искинат долен веш. Според родителот тоа се случило на 4 ноември и на 11 ноември, годинава. Исто така, И.Т, тврди дека претходно неговиот син бил изложен на фрлање и уништување на училишен прибор од истите соученици.
Убавка Јаневска