Општина Чашка ја реновираше внатрешноста на спомен куќата на Петар Поп Арсов во Богомила, отворени две музејски поставки

Објавено на 23 октомври, 2024 во 16:08

Првата од поставките во реновираната спомен куќа на  Петар Поп Арсов, еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација, е музејска додека втората е етнолошка. Општина Чашка денеска го одбележа 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба со свечено отворање на реновираната внатрешност на спомен куќата во село Богомила.

За  животот и делото на македонскиот национален херој, филолог, револуционер, сновоположник на Македонската револуционерна организација,  долгогодишен член на Централен Комитет на МРО,  задграничен претставник на организацијата, автор на Првиот устав на Внатрешната организација и автор на познатата публикација „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“ како и идеолог, книжевник, публицист, борец за национално, културно и духовно издигање на  македонскиот народ пред присутните говореше Проф. д-р Ѓорѓи Малковски. Тој ги истакна значењето и делата на овој поборник за македонската самобитност, на борецот за воспоставување на самостојна независна држава Македонија, за градење на независна Македонска црква и образование како и за македонскиот литературен јазик и правопис.  

Градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски, во неговото обраќање, потенцираше дека на овој ден со гордост македонскиот народ се сеќава и поклонува на македонските револуционери истовремено чествувајќи ја нивната пожртвуваност, истрајност и волја за слобода, правда, еднаквост, независност и сопствена државност.

На свеченоста што денеска се одржа по повод националниот празник, во Богомила, присуствуваа пратеници од македонскиот Парламент, на локални иституции и политички партии, Здружение на пензионери кои положија свежо цвеќе пред спомен куќата на Петар Поп Арсов.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.