Општина Лозово од МЗШВ бара средства за да се исчисти опожарената шума кај Милино
Се уште стојат изгорени стебла од боровата шума која точно пред четири месеци, на едно 40 хектари изгореа на реонот помеѓу Милино и Мамутчево. И покрај барањата на градоначалникот на општина Лозово Бошко Цветковски, надлежното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство се уште им нема даде никакви финансиски средства за отстранување на изгорените борови стебла од шумата и додава дека има некои информации дека шумата ќе се сече и дека дрвата ќе и бидат дадени на фирма која произведува пелети.
-Планираме на тој простор оваа пролет или на есен да засадиме нова шума со садници од даб, јавор и јасен и други садници кои најбрзо би се зафатиле на тој терен каде пред 50 години имаше борова шума. Како градоначалник упатувам апел до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство шумата која е опожарена да се исеќе и локалното население од социјално загрозените семејства од овој регион да биде снабдено со дрва за огрев. Исто така требаат средства и за отстранување на изгорените дрвца од пожарите на Кишински рид кај Кишино како и на други локации во општината, додава Цветковски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска ќе го посети реонот на село Милино во Општина Лозово.
Стефани Манева