Осомничениот за синоќешното убиство во Кавадарци доби притвор
По извршен увид во „Брушанско маало“ од страна на Јавен обвинител и на екипа на Крим техника при Полициска станица Кавадарци , Основното јавно обвинителство, отвори истрага во која ќе ги утврдува причините за извршеното убиство на педесет и девет годишниот Зулфи Пашов од Кавадарци. Обвинителството во истрагата за осомничено лице има 45 годишен маж, Сафет Х, којшто е жител на Кавадарци. Нему судија на претходна постапка на Основниот суд во Kавадарци му определи мерка притвор.
Исто така, обвинителството издаде наредба за обдукција на телото на починатиот, наредба за сослушување на повеќе лица кои биле присутни на настанот и можат да дадат податоци потребни за истрагата, како и насоки за преземање други истражни дејствија.
Според кавадаречкото обвинителството ,синоќа, околу 23:30 часот, се случила вербална расправија помеѓу осомничениот С.Х со друго лице, кога оштетениот З.П се обидел да ги смири и раздвои. Но, осомничениот замавнал со дрво и го удрил оштетениот по глава, го турнал и неколку пати го избодел со нож во пределот на градите. Од здобиените повреди, на пат кон итната медицинска помош, З.П починал. Осомничениот по извршеното дело се дал во бегство, но денеска тој беше лишен од слобода.
Основното јавно обвинителство Кавадарци спроведува истражна постапка против осомничениот С.Х за сторено кривично дело „убиство“.
Убавка Јаневска