Кандидатот за пратеник на СДСМ Иванов: „ Со нови мерки до поквалитетно образование, вработување на млади и бенифиции за наставниците со подолг стаж“
Наместо да се работи на подигнување на квалитетот на образованието тоа целосно се стави под партиска контрола. Инспекциските служби и екстерното тестирање се користат како инструменти за држење во покорност на наставниците и професорите. Автономијата на универзитетите е целосно нарушена, а дисперзираните студии дополнително го урнаа квалитетот на образовниот процес, констатираше на почетокот на денешната прес конференција посветена на состојбите во образованието во Македонија, кандидатот за пратеник на СДСМ, Панче Иванов.
Тој ги промовираше мерките што Коалицијата „За живот во Македонија“ ќе ги спроведе ако на 11 декември ја освои власта во Македонија.
– Ќе ја изедначиме почетната наставничка плата со просечната плата во државата, 30.000 денари, до крајот на мандатот. Наставниците со повеќегодишно искуство и дополнителни работни задачи ќе имаат коефициенти со кои ќе имаат соодветно повисоки примања. Секој наставник со повеќе од 20-годишно работно искуство ќе може да има помал број на часови, по два часа помалку неделно на секои 5 години стаж- што значи наместо 20 часа тие ќе има 18 часови, па 16 часа итн. Со тоа ќе се ослободат часови за кои ќе се ангажираат студентите од завршните години на државните универзитети со просек над 9. Наставниците кои ќе имаат помалку часови, ќе добиваат менторски задачи за работа со младите наставници и ќе бидат вклучени во стручниот тим на училиштето или во тимови за подигнување на квалитетот на образовниот процес. Наставниците во основното и средното образование ќе ги ослободиме од непотребните административни, формални и бирократски обврски, за да можат целосно да им се посветат на учениците и на нивното воспитание и образование. Ќе го намалиме бројот на предмети во основно и во средно образование, рече Иванов.
Тој најави инвестирање во инфраструктурата. Исто така и во организацијата на образованието во кое, Коалицијата, планира намалување на бројот на ученици во една паралелка, од сегашните 34 на просечни 25 ученици, со цел помали паралелки,поквалитетноо образование и поуспешни ученици.
– Воведуваме нова политика за стипендирање на студентите: комбинација на државни стипендии и фискални олеснувања за фирмите кои ќе одвојуваат процент од добивката за стипендирање. Точно утврден дел од стипендиите ќе оди на стипендирање студенти од руралните средини и од помалите етнички заедници, студенти со посебни потреби, како и студенти од сиромашни семејства. Ќе ги преиспитаме можностите на државата за долгорочно кредитирање на студентите кои не можат да ги платат трошоците за студирање. Веднаш ќе го укинеме екстерното тестирање, рече Иванов.
Од Коалицијата за живот во Македонија најавија дека ќе започнат процес на наградување и мотивирање на наставниците и училиштата што ќе покажат најдобри резултати. Така, вработените во 50 најдобри основни училишта, 10 гимназии и 10 средни стручни училишта, ќе треба да добиваат 20% поголема плата во текот на наредните 12 месеци. Ако ја освои власта оваа Коалиција планира реконструкција и изградба на нови градинки со цел да се создадат услови за прифаќање на 50% повеќе децата во градинките./Д.С