Панче Иванов: Ќе биде вратен криминално стекнатиот имот
„По примерот на европските држави ќе донесеме закон за запленување на криминално стекнатиот имот и имотот стекнат преку корупција и организиран криминал. Ќе се знае кој и за што ги троши парите на граѓаните и тие ќе имаат увид во сите трошења на нивните пари и тоа преку интернет страницата на Министерството за финансии“. Ова денеска го најави кандидатот на Опозицијата за живот во Македонија предводена од СДСМ, Панче Иванов од Велес.
Иванов рече дека граѓаните ќе имаат пристап до завршните сметки на сите буџетски корисници и јавни претпријатија, а Владата ќе одговара еднаш неделно на пратенички прашања. Според Иванов и начинот на исплата на патните трошоци на пратениците кои не живеат во Скопје ќе бил ревидиран со цел да с еспречат сите можни злоупотреби, а пратениците ќе одговарале за поднесување на нереални трошоци.
– Гарантираме целосен реизбор во судството. Пресудите ќе ги пишуваат судовите, а не партиските штабови. Веднаш по изборите ќе го продолжиме мандатот на Специјалното Јавно Обвинителство и ќе предложиме воведување на специјализирано одделение во судот за постапување по предметите кои се во надлежност на Специјалното Јавно Обвинителство. Две години по преземањето на власта, ќе се изменат законите и Јавниот обвинител на Република Македонија ќе се избира по предлог на опозицијата. Притворот никогаш повеќе нема да се користи за политички пресметки. Ќе иницираме уставни измени за ограничување на траење на притворот, рече Иванов.
Иванов рече дека Планот за живот нудел и гарантирал правда за сите а со тоа и просперитетно општество на среќни граѓани. Тој воедно ги повика граѓаните на Велес митингот на СДСМ што ќе се одржи утре во Скопје. Превозот бил обезбеден и ќе се тргало во 16 часот од Велес./Д.С