Сулејмани од Бузалково: Димовски и Груевски шират национализам наместо да зборуваат за криминалите
Поттикнат од како што рече црната и валканата кампања на ВМРО ДПМНЕ за некаква поделба на Македонија, од партиската говорница на СДСМ во Велес, Фета Сулејмани, жител на село Бузалково ги обвини Никола Груевски и носителот на листата со пратеници во ИЕ 3, Илија Димовски дека наместо за нивните криминали говореле за национализми. Сулејмани пред новинарите рече дека тој е македонски албанец, член и активист на СДСМ, на кого воопшто не му смета да се обраќа на македонски јазик, не се чувствува како националист туку само како млад човек што сака да има пристоен живот во 21 век.
– Мене воопшто не ми смета што Ви се обраќам на македонски јазик. Се надевам не му смета и на Илија Димовски и другите од ВМРО ДПМНЕ. Но, дали можат националисти и сеачи на омраза меѓу граѓаните да ни овозможат пристоен живот ? Десет години се на власт ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Десет години нив им е супер, возат најубави и најскапи коли, одат на одмори во нај луксузни хотели, носат нај скапи одела, а ние газиме кал, се расправаме за нив и ги поддржуваме, за на крај да немаме ништо. ВМРО ДПМНЕ и ДУИ не сакаат да говорат за тоа колку не задолжија нас граѓаните со кредитите кои ги земаа, тие не сакаат да говорат за тоа колку млади луѓе и привремено и трајно ја напуштија Македонија, рече Сулејмани.
Тој им порача на претендентите за повторно освојување на власта дека ваквиот говор на омраза нема повеќе да им успее кај него и кај младите како него.
– Зошто на Груевски му се потребни црните кампањи ? Затоа што не сака да се зборува за нивниот криминал, па ајде ќе зборуваме национализми !Груевски е единствен во државата кој мисли за федерализација и никој друг. Ние сме за едно општество каде секој е важен, а тие сеат омраза, поделби и конфликти меѓу народот, рече Сулејмани.
За овој млад човек Македонија е и негова татковина, затоа тој рече дека таа и понатаму ќе биде унитарна држава во која тој ќе живее, ќе работи, ќе плаќа даноци за земјата која што го храни и на која што изградил дом.
За носителот на листата со пратеници на ВМРО ДПМНЕ во тројктата, Илија Димовски обраќањето пред јавноста на Сулејмани е плод на стравот и нервозата на СДСМ. Според него Заев е тој што заговарал федерализација.
– Мислам дека единствен национализам кој што го слушаме овие денови е оној на Зоран Заев на штета на македонскиот народ заради тоа што за прв пат во нашиот град видовме многу повеќе знамиња на туѓа држава отколку на сопствената држава на митинг на СДСМ во Велес. Нервозата што владее во СДСМ е плод на нивните погрешни политики што ќе значат воведување на двојазичност, воведување на федеративен систем на уредување, кантонизација и регионализација, рече Димовски одговарајќи на новинарско прашање./Д.С
