За живот во Македонија – Поттик за спорт
„Спортот во нашата земја е разнебитен во последнава деценија. Повеќето национални спортски федерации одвај преживуваат со ограничени национални и меѓународни програми, скромни спортски остварувања и блокирани сметки. Мал е бројот на спортистите, а од година во година се намалува и бројот на клубовите. Објектите за спорт се запустени, нефункционални и незагреани. Имаме импровизиран училишен и универзитетски спорт, со лажен систем на спортски тренинг и натпревари. Запоставен спорт за лицата со инвалидитет. Симболично учество на жената во спортот. Власта на ВМРО-ДПМНЕ во спортот создаде систем кој разединува и без аргументи финансира, поддржува и фаворизира „партиски клубови и федерации“, делејќи ги на наши и ваши, спортистите, федерациите и младите. Власта заборави на спортистите и репрезентациите кои остварија право за учество на најголемите спортски натпревари и покажа понижувачки однос кон стручните кадри и волонтери во спортот. Власта се грижеше единствено за популистичките егзибиции во корист на изборни маркетиншки манипулации. Ние тоа ќе го промениме!,“ пишува во програмата на коалицијата „За живот во Македонија“.
„НАШИТЕ ЦЕЛИ: Зголемување на бројот на граѓани, од сите возрасти, социјални групи и средини, кои секојдневно го применуваат спортот и спортско-рекретивните активности; Остварување квалитетни спортски резултати во националниот систем на натревари, успех и високи резултати на спортистите и спортските екипи – учесници во меѓународниот систем на натпревари; Создавање квалитетен систем на спорт во училиштата и универзитетите.
Ние ќе донесеме нов Закон за спортот, со кој ќе се обезбеди статус на дејноста спорт и спортистите во нашата земја, стабилни извори за финансирање на деј- носта спорт од централниот и локалниот буџет, како и можност за директна поддршка на спортот со средства од економијата. Ќе обезбедиме услови и ќе ги зголемиме средствата за спорт, за да ја гарантираме и браниме неговата самостојност и развој. Ќе ги поддржиме националните спортски федерации во креирањето современ национален систем на натпревари и организирање, во кој приоритет е интересот и потребата на младите и граѓаните на Република Македонија да спортуваат. Целосно ќе ја почитуваме самостојноста на националните спортски федерациии, ќе обезбедиме материјални, функционални, просторни и кадровски услови за нивно делување во спортот. Ние ќе ги поддржуваме потребите на врвниот спорт и на „спортот за сите”. Нашата цел е да го зголемиме процентот на граѓани кои спортуваат од сегашните 2 процента од населението на 20 проценти, кои ќе бидат опфатени во „спортот за сите”. Наша определба е учеството и настапите на нашите спортисти во националниот и меѓународен систем на натпревари да биде последица на контиунирана стручна работа во клубовите и репрезентациите, со подготовки и современа спортска опрема, како услов за остварување солидни спортски резултати.
ВРАЌАЊЕ НА ОБЈЕКТИТЕ ЗА СПОРТ: Објектите за спорт, кои од 2000 година се предмет на манипулации и експлотации, ќе ги вратиме за потребите на спортистите, младите и граѓаните. Тие, во моментов се користат за сè друго само не за основната намена. Ќе обезбедиме законска рамка и услови овие објекти да ги менаџираат и да ги користат единиците на локалната самоуправа. Дел од нив ќе бидат наменети за националните спортски федерации и најдобрите клубови, а оние кои се со квалитет, опрема, функционалност и стандарди за организирање на големи меѓународни натпревари, ќе бидат под директна грижа на државата, ставени на располагање на федерациите и спортистите. Со отворање на објектите за спортот, ќе се зголеми нивната искористеност за 50 проценти, создавајќи услови за тренинг и натпревари во националниот систем на натпревари, за клубовите и спортување на младите и граѓаните. Објектите ќе ги имаат задолжителната функционалност и стандарди за современо спортување.
СОЗДАВАЊЕ НА ИНФРАСТРУКТУРА ЗА СПОРТ: Прво ќе ги реновираме запуштените објекти, подигнувајќи ја нивната функционалност и опременост. Потоа, ќе ги довршиме започнатите објекти, за кои има економска, правна и спортска оправданост, за да бидат во функција на спортот. А, ќе градиме и нови и современи објекти за спорт, според потребите на спортот и националните спортски федерации. Содржините, функционалноста, квалитетот и стандардите кои ќе се применуваат, ќе бидат во рангот на развиените европски земји. Користејќи ги запушетните објекти во населените места и воспитно образовните установи, ќе обезбедиме услови за реализација на наставните и воннаставните спортски активности во сите степени на образованието и секојдневно спортување на младите и граѓаните во местото на живеење. Ќе изградиме капитален објект „Дом на спортовите“ со содржини и услови за по- веќе спортови, а во него ќе обезбедиме и простор за работа на сите национални спортски федерации.
СПОРТОТ ВО УЧИЛИШТАТА И УНИВЕРЗИТЕТИТЕ : Ќе го го вратиме спортот во училиштата и универзитетите, со креирање спортски систем со кој ќе се започне со натпревари и активности, од класните и меѓукласни натпревари во училиштата, завршувајќи со национален систем на натпревари, со учество на училишни победници и репрезентации од секоја општина во сите степени на образованието. Со поставување вистински модел на училишен спорт, ќе го зголемиме бројот на ученици кои спортуваат од сегашните 5.000 на 50.000 ученици во основното и во средното образование. Запоставениот универзитетски спортски систем и одржување на наставата по физичко воспитување на сите универзитети и факултети ќе биде обврска, како дел од едукацијата на студентите во Република Македонија. Ќе ги подобриме условите за спортување на студентите со посебни потреби, почнувајќи од обезбедувањето пристап до објектите со 24-часовно користење.
ПОДДРШКА ЗА СПОРТОТ ВО ЕДИНИЦИТЕ НА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА: Во единиците на локалната самоправа, како наши стратешки партнери во заедничката цел, ќе обезбедиме услови за спортување на секој граѓанин, без оглед на неговиот пол, верска, партиска и етничка припадност, давајќи им еднакви можности и услови и не делејќи ги на наши и ваши.
СОЗДАВАЊЕ НА СПОРТСКИ ФИНАНСИСКИ ФОНД : Формирање на спортски финансиски фонд во рамките на Агенцијата за млади и спорт во кој ќе се слеваат финансиските средства наменети за развој на спортот. Тој ќе се полни од следниве извори: Средства од издавање на лиценци за работа на спортските обложувалници. Процентуален дел од секоја поединечна уплата на тикет за спортско обложување. Дел од акцизата за цигари и алкохол. Процент од уплатите од игрите на среќа.
ФОРМИРАЊЕ НА НАЦИОНАЛЕН СОВЕТ ЗА СПОРТ: Ќе се формира Национален совет за спорт кој ќе има 7 членови. Тој ќе биде составен од најдобрите пет спортски федерации рангирани според однапред утврден критериум (меѓународно верифицирана ранкинг листа, број на учества на големи натпреварувања и постигнат успех на истите, учество на спортистите и клубовите од соодветниот спорт во национална лига, регионално или меѓународно натпреварување и од кој степен на светско ниво е истото, број на регистрирани спортисти и посетеност на гледачи од натпревар сразмерно на капацитетот на спортскиот објект), плус претседателот на Македонскиот олимписки комитет и директорот на Агенцијата за млади и спорт. Поголема мотивација за инвестирање во спортот Ќе се одредат максимални квоти за добивање на финансиски поволности од државата, а спортските субјекти ќе бидат поделени во три категории во зависност од степенот на натпреварувањето и неговото значење за популаризацијата на спортот и промоцијата на државата.
Во првата категорија ќе влегуваат спортистите и спортските клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на меѓународни натпреварувања. Тие ќе имаат можност за користење на финансиски поволности до максимален износ од 300.000 евра за клуб или 15.000 евра за поединечен спортист на годишно ниво. Во втората категорија ќе влегуваат спортистите и спортски клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпреварување во одреден спорт во Р.Македонија. Тие ќе имаат можност за користење финансиски поволности до максимален износ од 200.000 евра за клуб или 10.000 евра за поединечен спортист на годишно ниво. Во третата категорија ќе влегуваат спортистите и спортски клубови кои се натпреваруваат во втората лига во одреден спорт во Р.Македонија. Тие ќе имаат можност за користење финансиски поволности до максимален износ од 25.000 евра за клуб или 1.200 евра за поединечен спортист на годишно ниво. Финансиските поволности ќе се добиваат преку пренасочување на дел од данокот на добивка од претпријатијата до најмногу 40% од данокот на добивка. Претпријатијата ќе можат дел од својата обврска за данокот на добивка наместо да ја платат на државата да ја вложат во спортски клуб или спортист. Услов за користење на финансиската поволност на спортскиот клуб е на натпреварите во домашното првенство најмалку 60% од играчите да потекнуваат од младинската школа, додека за поединечните спортисти условот е да потекнуваат од младинската школа на клубот.
НОВИ СПОРТСКИ ОБЈЕКТИ: Инвестициите во спортски објекти ќе бидат плански и со спортска, а не бизнис логика.
Во Скопје, ќе започнеме со изградба на капитален објект за спорт т.н „Дом на спортови“ кој ќе има услови за повеќе спортови и стандарди за одр- жување на европски и светски првенства, со затворена атлетска патека и други пропратни содржини, прес центар, спортска амбуланта, комерцијален простор и др. Во објектот ќе обезбедиме услови за работа на националните спортски федерации, во кои се здружени и функционираат повеќе од 1.700 спортски здруженија.
Во Кичево ќе изградиме кружна патека со содржини и стандарди за органзирање европски натревари во автомобилизам, мотоциклизам и картинг, со инфраструктура со највисоки стандарди.
Во Битола, Штип, Прилеп, Тетово, Кочани и Кавадарци во рамки на затворени пливачки базени, со стандарди и содржини за пливање и ватерполо, ќе вградиме и пропратни објекти и простории за општинската спортска структура.
Во Штип предвидуваме сала за боречки спортови, бокс, борење, карате, џудо, аикидо, со стандарди и услови за тренинг и натпревари.
Во Охрид, Струга, Маврово, Ресен и Дојран ќе подржиме изградба и осовременување на спортски содржини неопходни за развој на спортски туризам, обезбедувајќи услови за тренинг и подготвки на врвни спортисти и спортски екипи во зимски и летни услови.
Ќе започнеме со план за реновирање и доградба на фудбалските стадиони во Битола, Прилеп, Кавадарци, Штип, Велес, Кичево и Куманово.
Во скијачките центри, Маврово, Попова Шапка, Пелистер, Кожуф и Пониква ќе дадеме поддршка за модернизирање и искористување во зимски и летни услови, обезбедувајќи услови за планинско трчање, планински велосипедизам, функција на медицински и спасителни служби со услови и стандарди од најразвиените зимски центри во Европа,“ пишува во програмата на Коалицијата „План за живот во Македонија“.
