Подземните контејнери го собраа расфрланиот отпад од центарот на Велес,општината најави нови за вгодина

На локациите на којшто во градот се поставија подземни контејнери повеќе нема грди слики на преполни отворени контејнери, отпад околу нив и смрдеа. Глетките се сосема поинакви на трите локации, кај пругата на горен влез во населба Дворови, до мост „Гемиџии“ и покрај зградата на Централен регистер или УЈП, во строгиот центар на Велес. Сега таму просторот е чист и нема смрдеа. Покрај подземните контејнери уредно е спакувана и оставена картонската амбалажа што укажува дека корисници покрај граѓаните се и околните продавници.
Во поставени жичени контејнери кај мостот „Гемиџии“ граѓаните го фрлаат и пластичниот отпад. Дел од граѓаните кои ги затекнавме на оваа локација го селектираат отпадот. Кеси со отпад фрлаат во подземниот, пластични шишиња во жичениот, надземен контејнер додека тегли и стаклени шишиња во контејнерот за стакло.
-Со поставувањето на подземниот контејнер мислам дека се воспостави ред. Ако се изземат почетните грешки на граѓани кои фрлаа пепел и жар од домашните ќумбиња, со што изгореа две вреќи во внатрешноста на контејнерот сега состојбата е поинаква. Ова место го користат многу граѓани кои поминуваат за да стигнат до супермаркетот под зградите на комплекс „Чешел“. Како ние што живееме во кулата и во трите згради „Чешел“ и тие се соочуваа со проблеми при минењето. А мостот е тука. И од него се гледаа преполнетите отворени контејнери што со децении стоеја на ова место, рече велешанка.
-Решението е добро. Сега нам на граѓаните ни останува да го почитуваме редот. Треба да покажеме цивилизациско однесување а не веднаш да се уништи тоа што е купено со наши пари, додаде жител од околните куќи.

И сопствениците на деловен простор што се наоѓа на горниот железнички премин на пругата Велес – Гевгелија, во населба Дворови се задоволни од поставениот подземен контејнер. Дел од нив се на локации веднаш до контејнерот. Тие раскажуваат како граѓаните коишто доаѓаат и од источната страна на градот, преку Железен Мост, фрлаат комунален отпад во подземниот но состојбата не е како претходно со отворените контејнери. Според нив, подземниот контејнер редовно се празнел од страна на ЈКП „Дервен“ но можноста да собере поголема количина на отпад е главното решение.

Општината досега набави и на централните улици во Велес постави 11 подземни контејнери. До крајот на годината ќе набави уште три за којшто има обезбедено техничка документација за локациите. Тоа се зградата на синдикат, спроти стара Стоковна куќа, кај Офицерски и на паркиг просторот пред зградата популарно наречена „Бугарска амбасада“, соопшти раководителката на Одделение за животна средина Билјана Шуркова Манаскова.
Шуркова Манаскова додаде дека оваа добра практика треба да продолжи и во наредната година за што потребно е новиот состав на Советот на општината да донесе одлука.
Инаку интерес за ваков начин на собирање на сметот покажаа и граѓани коишто живеат во втората зона на улици во градот и до кои има можност да стигне специјализираното возило за собирање на отпад на ЈКП„Дервен“.
Убавка Јаневска
