Попишани околу 80 % од жителите на Општина Велес
Статистичката операција на попишување на населението на територијата на општина Велес се одвива според утврдената динамика. Попишувачите се на терен и немаат сериозни проблеми во попишувањето. Постапката на попишување се одвива на отворен простор, во дворови доколку граѓаните живеат во куќи или во ходници на колективните објекти за домување. Доколку граѓаните дозволат влез, како во случајот кога Дума.мк следеше попишувач, постапката на попишување се одржа во предсобје на куќа. И домаќините и попишувачката носеа заштитни маски и се користеше гел за дезинфекција од Ковид-19.
-Постапката на попишување траеше петнаесеттина минути. Јас, ќерката и синот одговоривме поединечно на поставените прашања. Во име на сопругата одговори даде ќерката. Попишувачката беше стрплива и ми ги препрочита прашањата што во прв наврат не ги разбрав доволно добро. Немам забелешки, се беше коректно и професионално, рече попишаниот велешанец Панче.
Од Државниот завод за статистика задоволни се од одзивот на населението во Општина Велес.
-Околу 80 отсто од жителите на Општина Велес се веќе попишани што всушност соодветствува и на процентот на попишано население на територијата на државата, рече потпаролката Јасмина Ѓоргиева.
Заклучно со вчерашниот ден, 23 септември, до 20 часот на територијата на државата попишани се 1.383.434 лица, 431.573 домаќинства и 595.754 станови. До крајот на статистичката операција на попишувачите им остануваат уште седум дена во кои треба да ги попишат преостанатите околу 20 отсто од лица, домаќинства и станови како во Општина Велес така и на територијата на државата.
Стефани Манева