„Порцеланови луѓе“ и „Куќа на порцеланот“, свечено отворање на две изложби во Велес на 10 ноември, годинава
Објавено: 7 ноември, 2025, во 11:40 часот
Изложби „Порцеланови луѓе“ и „Куќа на порцеланот“ посветени на уметниците – дизајнери на поранешната фабрика „Југопорцелан“ ќе се отворат во Велес во понеделник, 10 ноември. Првата изложба „Порцеланови луѓе“ ќе биде свечено отворена во 19:00 часот во Ликовен салон додека втората, „Куќа на порцеланот“ во НТ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во 20:00 часот.
Првата изложба сведочи за уметничкиот дизајн преку откупени над 300 порцелански предмети како и од дизајнерски скици и цртежи, гипсени модели, калапи , фотографии и мноштво интервјуа со уметниците – дизајнери кои биле вработени во поранешниот производствен гигант „Борис Кидрич – Југопорпелан“, во тогашен Титов Велес. Дизајнерите преку авторски решенија ги создале производите но не ставиле потпис. По нивните дизајни, работниците ги произведувале во фабричките погони и како финални, производите се продавале на територијата на поранешната држава, Југославија, во Европа и низ светот.
Станува збор за дизајнерите Милан Терзовски, Војко Јаневски, Тодор Јорданов, Гавро Петрушевски, Сузана Зафировска, Сута Даева Тодоровска, Благородна Николова и други, кои во периодот од 1955 година до крајот на 1990, биле дел од декорното односно дизајнерско одделение на фабриката.
Автори на изложбата се Јасминка Намичева, Филип Фидановски, Јасмина Дамјановска, Екатерина Намичева Тодоровска и соработник Ангел Коруновски.
Според тимот автори на изложбата, кој една година истражувал, како во Подрачно одделение на Државен Архив во Велес, од сочувани документи, фотографии и новинарски текстови објавени во фабричкиот весник „Керамичар“ градскиот весник „Вардарски глас“ така и од други сведоштва. Изложба го прикажува „Развојот на индустрискиот дизајн во фабриката за порцелан „Борис Кидрич -Титов Велес, 1954-2003“.
Проектот е во организација на Здружението за архитектура, дизајн и култура-„Архифакт“ од Скопје во соработка со ЛУ Народен музеј Велес и Државен Архив на РСМ – подрачна единица Велес. Проектот е подржан од Министерството за култура и туризам на РСМ.

На втората изложба „Куќата на порцеланот“ во фоаје на Театар „Џинот“ ќе бидат претставени скулптури и инсталации во простор на современиот уметник и керамичар Филип Фидановски.. Кураторот Јасминка Намичева за изложбата смета дека е редок пример на естетска реконекција со индустриското минато и сензибилен коментар за сегашноста.
„Фидановски создава современа митологија каде фабриката станува метафора за дом, трудот за поезија, а предметот за сведоштво. Со оваа изложба, Фидановски го позиционира порцеланот како концептуален медиум на културно сеќавање – простор каде документот и сонот се спојуваат во единствена визуелна мисла.„Куќата на порцеланот“ станува алегорија на создавањето: чин на оживување на формата и чин на почит кон луѓето, местата и времето што ја обликувале нашата културна топографија,“додава Намичева.
Фидановски, роден во 1977 година во Скопје, е еден од најзначајните македонски керамичари со повеќе од три децении активна работа, богата меѓународна кариера, бројни награди, професорска дејност, учество во колонии и монографии зад себе. Неговите дела биле изложувани во Скопје, Белград, Пула, Прага, Софија, Братислава, Каиро, Париз и на десетици други локации.
Изложбата е организирана во соработка со НУ Театар „Џинот“ и Народниот музеј Велес и поддржана од Министерството за култура и туризам како и од неколку компании.
Убавка Јаневска


