Пожарот во Азот што голта хектари под дабова шума помеѓу селата Ореше и Папрадиште е подметнат (ФОТО)
Не е ставен под контрола пожарот што ја зафати дабовата шума помеѓу селата Ореше и Папрадиште во Општина Чашка. Огнот бил запален во понеделникот, на 28 јуни, околу 11 часот. Го подметнале луѓе покрај асвалтниот пат Богомила – Ореше. Првиот ден пламените јазици ја голтале висококвалитетна шума над селото Ореше додека вчера, на вториот ден, огнот по природен пат тргнал во правец на шумските насади над село Папрадиште.
-Човечки фактор е причина за пожарот. Утврдивме дека е подметнат на локација во непосредна близина на асвалтот на патот од село Богомила кон село Ореше. Во двата дена 24 шумарски работници се обидуваат да го изгаснат огнот. На локацијата стигна и хеликоптер на Центарот за управување со кризи. Но поради пеколните температури не можеше да продолжи со гаснење на огнот од воздух затоа што електониката на хеликоптерот не ги издржа високите температури. И денеска продолжува гаснењето на пожарот од страна на шумарските работници, рече Љубинка Попова директорка на ШС „Бабуна“.
Штетата ќе се утврдува откако пожарот ќе биде изгаснат. Првичните проценки се дека штетата ќе биде голема затоа што засега се зафатени околу 50 хектари површина од шумскиот фонд.
Убавка Јаневска