Пријавени нови 96 грипоболни во Велес и 59 во Свети Николе, во велешка Детска превентива се одложуваат редовните вакцинации
Објавено: 20 јануари, 2026, во 15:25 часот
Во Велес од вкупно пријавените 96 заболени од грип, во периодот од 12 до 18 јануари, најголем број или 64 граѓани припаѓаат во најголемата старосна група од 15 до 64 години. Потоа следат заболените 16 граѓани на возраст од 65 и повеќе години, па 14 се деца до четиригодишна возраст и 2 на возраст од пет до 14 години, соопшти ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес.
Овие податоци на јавната здравствена организација покажуваат дека заразното заболување не зема замав во Велес туку има помалку за 15 заболени споредено со првата седмица во месец јануари или периодот од 5 до 11 јануари, годинава кога беа евидентирани 111 грипоболни. Но, од почетокот на месец декември, кога се регистрирани првите граѓани со грип, вкупниот број изнесува 452 болни. Сепак пикот на грипоболни се очекува да биде постигнат во првата недела на месец февруари.
Ова се сепак податоци кои укажуваат на состојба во период кога учениците беа на зимски распуст. Второто полугодие на учебната 2025/26 година започна денеска и ќе треба да се почека на статистичките податоци од оваа и наредната недела, констатираа лекарите.

Според др Марина Тодоровска од Детска превентива на ЈЗУ Здравствен дом Велес, оваа служба од 25 декември, минатата година, евидентира зголемен број на болни деца чии родители ги одложувале редовните вакцини за деца до пет годишна возраст.
-Барањата на родителите се со образложение дека нивните деца се болни. Не можеме да тврдиме дека станува збор за грип но не е мал бројот на болни деца, додаде Тодоровска.

Др Ванчо Граматов, портпарол на Општа болница Велес, соопшти дека на Детското одделение се лекуваат само две деца од висока телесна температура. Бројот на амбулантски прегледи како на ова така и на Инфективно одделение, каде нема лежечки пациенти, не бележи зголемување.
Во изминатата седмица во Свети Николе состојбата покажува зголемен број на новозаболени граѓани. Таму во минатата седмица регистрирани се 59 новозаболени или вкупно 96 од месец ноември, минатата година до 18 јануари, годинава.
Убавка Јаневска


