Притворен велешанец за разбојништво во гостилница
Разбојникот, минатиот вторник,на 16 август, во вечерните часови, откако се доближил до оштетениот кој седел сам и гледал телевизија на тераса на гостилница во Велес прво го нападнал со тоашто го удрил со тупаница во пределот на ребрата од десната страна за потоа да му ја тргне столицата на која седел. Оштетениот паднал на земја, а осомничениот од задниот десен џеб му го извадил и одзел паричникот во кој имало 2.000 денари, банкарски картички и други документи. Потоа разбојникот избегал.
Настанот бил пријавен во Полициска станица Велес чии инспектори по расветлување на случката оформиле предмет и го доставиле до ОЈО Велес. Обвинителството донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 21 годишен велешанец за сторено кривично дело – „Разбојништво“ од член 237 став 1 од Кривичниот законик.
„Имајќи предвид дека осомниченото лице претходно е осудувано за истовидно кривично дело, безимотен е, има блиски роднини кои живеат во странство, а и доста често отсуствува од сопствениот дом, Основното јавно обвинителство Велес оцени дека постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и за повторување на кривичното дело“, пишува во соопштението на обвинителството.
Јавен обвинител до судијата на претходна постапка на Основен суд Велес достави предлог за определување притвор против осомничениот, што е прифатено, и на осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена.
Стефани Манева