Пуштен во употреба експресниот пат Градско – Дреново
Експресниот пат Градско – Дреново, кој е дел од Коридорот 10Д, денеска беше пуштен во употреба. Делницата е во должина од 15,5 километри плус еден километар од делницата Фариш-Дреново, или вкупно 16,5 километри од експресниот пат. Вредноста на проектот е 37.300.000 евра од кои 26.700.000 евра се обезбедени преку ИПА фондовите и 10.600.000 евра се обезбедени од Буџетот.
На свеченото пуштање во употреба на делницата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, директорот на ЈП „Улици и патишта“ Коце Трајановски, како и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
– Ќе продолжиме и понатаму да ги развиваме проектите, тоа е многу значајно за нас, бидејќи ние сме земја којашто во суштина нема излез на море, не изобилува со некои ресурси како што е нафта и гас, и тоа во одредена смисла на зборот претставува некаков си недостаток. Но она коешто ние го имаме, другите балкански земји го немаат. А тоа е дека ние сме природна раскрсница на многу важни два паневропски коридори. Тоа се Коридорот 8 и Коридорот 10. Годината ја започнавме со пуштање во употреба на еден ваков преубав експресен пат, којшто ги поврзува градовите Куманово и Крива Паланка, односно од местото Чатал преку Длабочица до Крива Паланка или од местото Страцин попознато за оние коишто патуваат кон нашиот источен сосед Бугарија – порача Мицкоски.
Трајановски изјави дека со оваа делница се поврзуваат Прилеп, Битола, Ресен, Охрид и ќе обезбеди побрзо и побезбедно движење.
– За само 2 месеци, благодарение на Владата, успеавме да го решиме проблемот и да ја откочиме реализацијата на овој значаен пат. Имавме проблем со една огромна косина и со неасфалтиран дел, но успеавме да го решиме проблемот и еве сега свечено го пуштаме во употреба експресниот пат. Направени се косините, вертикалната и хоризонталната сигнализација – додаде тој.
Министерот Николоски изјави дека како дел од Коридорот 10, оваа делница треба да значи целосно автопатско или експресно поврзување со вториот голем граничен премин, тоа е граничниот премин Меџитлија.
– Навистина е задоволство во рок од само десетина дена второ големо отворање. Денеска го отвораме експресниот пат кој што треба да не поврзува од Градско до Дреново дел од експресниот пат Градско – Дреново – Фариш. Еден преубав експресен пат кој што ќе значи многу за поврзувањето на Прилеп, Битола, на Могила, Новаци, Кривогаштани, на Крушево, секако и Росоман и поврзување со главниот град, но исто така ќе значи и поврзување со соседна Грција и поврзување на Коридор 10 – порача Николоски.
Дума.мк