Лозарите го бараат министерот Димов!
Ниту силниот дожд, кој денеска врнеше во Росоман, не ги поколеба лозарите од Тиквешкиот регион да застанат на блокадата на патот Градско – Прилеп.
Таму беа четврти ден со исти барања дека нема ништо да ги предомисли за да се откажат од намерата да си ги добијат чесно заработените пари.
„Имаме сознанија дека продажбата е поништена. Друг нов момент не постои и очекувавме да дојде газдата. Се обративме и до министерството за земјоделство од каде ни рекоа нека дојдат газдите и нека ви кажат каква е состојбата, со која динамика ќе ви плаќаат зашто тоа е договор меѓу вас и приватна работа во која не можеме да навлегуваме“, рече Љупчо Аризанов од Агротиквешија. Тој вчера го прозва министерот за земјоделство Љупчо Димовски и побара да дојде за да ги посети лозарите на блокадата.
Лозарите се револтирани што досега никој од министерството и владата не дошол да ги праша како им е и на кој начин ќе се реши проблемот. Така сметаат дека за нив е многу посигурно,кога ќе преговараат со газдата на Винеа, да има некој од државните органи како гаранција на сето тоа за да не можат потоа пак да бидат изманипулирани.
„Каде е министерот за земјоделство или заменик министерот, да не прашаат како сме, само не наоѓаат кога треба да платиме ДДВ,наемнина за нивите. Трошиме по илјада литри нафта за еден гроздобер,а не се само тие давачки,како да работиме на лозјата без пари и без мерак“рекоа лозарите.
Тие цврсто стојат на ставот да не попуштат. На блокадата ќе бидат и утре.
Додека денеска четири часа беше блокиран патот, на клучката кај Росоман, се созададоа километарски колони од возила во двете насоки на патот.