(Обновено) Поништена продажбата на “Винеа“ !
Основен суд Кавадарци донел одлука за поништување на продажбата на визбата поради низа недоследности во постапката.
Според информациите до кои дојде Дума.мк, судот донел ваква одлука бидејќи при продажбата извршителот не го известил согласно законските прописи сопственикот за продажбата на неговиот имот. Тоа било и главна причина за поништување на продажбата. Незадоволните имаат право на жалба до повисок суд.
Со ова им се реализира едно од барањата на лозарите кои имаат за наплата над 600 илјади евра од оваа винарија. Тие четири дена протестираа и го блокираа патот Градско – Прилеп кај Росоман. Сега како што рекоа, продолжуваат со својот притисок да дојдат до своите чесно заработени пари. Се надеваат дека газдата на “Винеа“ ќе го одржи ветувањето дека по поништувањето на продажбата ќе им го исплати долгот на лозарите.
“Со одлуката на судот се исполни само едно наше барање. Сега треба да се договориме со газдата на “Винеа“ на кој начин и кога ќе ги исплати побарувањата“ рече лидеорт на лозарите, Љупчо Аризанов кој деновиве беше на протестот и блокадите кај Росоман.
Лозарите од почетокот на неделата предводени од регионалното здружение “Агротиквешија“ го блокираа патот Градско-Прилеп со цел да се поништи продажбата на визбата што им должи за откупено грозје во изминативе четири години. На тпој начин лозарите сакаа да го привлечат вниманието и на државните институции и да се вклучат во решавање на нивниот проблем. Тие упатија јавна покана за средба и со министерот Димовски, но засега средба помеѓу министерот и лозарите нема најавено.