Стартуваше втората фаза од експресниот пат Градско – Прилеп
Започнa реализацијата на втората фаза од изградбата на експресниот пат Градско Прилеп, проект кој се гради во три фази, а претставува инвестиција во висина од околу 60 милиони евра. Втората фаза од изградбата го опфаќа делот од Градско преку Росоман се до клучка Кавадарци во должина од 16 километри, инвестиција која за оваа делница предвидува 23 милиони евра средства обезбедени од фондовите на Европската Унија.
„За граѓаните на Република Македонија ова е значаен дел. Продолжува градежната офанзива која ќе ја подобри патната инфраструктура која изминаттите години беше подзаборавени и е во лоша состојба. Граѓаните од Градско, Росоман, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Битола, Крушево, Кривогаштани и другите поголеми и помали населени места зедоа учество, директно учество, во инклузивните програми на владата. Се вклучија со нивните предлози и упорност да отпочне и да се заврши овој експресен пат како исклучително важна делница од Коридорот 10, но и исклучително важна патна артерија за двата региона за граѓаните и за компаниите. Најважно за граѓаните, е што овој експресен пат отвора нови можности за брза транспортна луѓе и на производи, како и на непречено и лесно поврзување на идеите за нови иницијативи, нови проекти, нови контакти“, порача премиерот во своето обраќање.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски најави дека експресниот пат ќе се гради по сите безбедносни и технички стандарди, а безбедноста на сообраќајот ќе биде на највисоко ниво. Согласно договорот истиот треба да биде завршен во 2020 година.
„Еден проект завршува друг почнува, а тоа значи дека трансевропската транспортна мрежа, столбот на европскиот внатрешен пазар добива форма.Денеска започнува уште една важна изградба, а европската унија секогаш знае да одговори на ваквите потреби“ потенцира пред присутните евро амбасадорот Самуел Жбогар.
Покрај премиерот Зоран Заев, Евроамбасадорот Жбогер и министерот Сугаревски денеска во Росоман беа присутни и абасадорите на Италија и Шпанија во Македонија, пратеници и неколку градоначалници меѓу кои градоначалникот на општина Росоман, Бранко Јанев, на Кавадарци Митко Јанчев и на општина Градско Роберт Бешовски. Од Росоман премиерот и евроамбасадорот најавија дека продолжуваат во Градско каде ќе биде направена анализа околу реконструкцијата на железничката станица./А.Д