Росоманските овоштари денеска ги забележаа првите измрзнувања кај дрвцата со праски, кајсии и сливи
Во Росоман, температурата ноќеска и во раните утрински часови се симна под нула степени Целзиусови. Утрово се појави и мраз на насадите со праски, кајсии и сливи. Овоштарите денеска објавија дека на поголем дел од овоштарниците кои цутат ги забележале првите знаци за измрзнување.
-Потемне внатрешноста на цветот а тоа е првиот воочлив знак дека ќе падне од гранките наместо да врзе плод на праска, кајсија и слива. За ден до два ќе биде појасно колку од годинешниот цут ќе преживее а колку ќе се одвои од гранките и ќе падне на земјата, рекоа овоштарите.
За нив особено значајна е и оваа ноќ и утрешните рани часови на денот. Тие стрепат од помислата да не се повтори појавата на мразот.
Градоначалникот на Општина Росоман, Стојан Николов рече дека денеска од неколкумина овоштари бил информиран за појавата на ниска температура и мраз во нивните овоштарници.
-Очекувам дополнителни информации од овоштарите. Дел од нив во текот на денот ме информираа за временската непогода поточно дека температурата во текот на ноќта и во раните утрински часови се спушти под нула степени Целзиусови што остави први траги врз цветовите во нивните овоштарници. До сабота ќе се има поточна слика за тоа каква и колкава е штетата од временската непогода, рече Николов за Дума.мк.
Метеопрогнозерот Славчо Поповски пред неколку дена најави предупредување за земјоделците од појава на ниски температури и мраз во државата.
Убавка Јаневска